Претставници на индискиот милијардер Субрата Рој и Сахара груп доаѓаат во Охрид на повторно разгледување на теренот во Љубаништа каде треба да се гради туристичкиот комплекс „Сахараја Македонија“ дознава А1. Директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Виктор Мизо рече дека претставници на „Сахара Груп“ биле во Скопје, но оти во Охрид се уште не биле заминати.
„Повеќе од месец и половина претставници од Сахара груп се во Скопје и работат на случајот. Работната група која е формирана за оваа инвестиција заедно ги разгледува сите нивни предлози за да изградиме соодветен став под кои услови ќе се гради комплексот, бидејки ќе мора да бидат испочитувани сите параметри и услови на ресорните министерства помеѓу кои и оние на Министерството за животна средина“ рече Мизо за А1.
Мизо кажа дека за сега ниту Индијците, ниту тие имале средба со жителите на Љубаништа, бидејки најголем дел од земјиштето таму е во приватна сопственост и во сопственост на црквата.
„Индијците за сега се само во контакт со државните институции околу претставување на проектот. За сега не се воспоставени состаноци со локалното население“ рече Мизо. Жителите на Љубаништа ги очекуваат Индијците на разговори со нив околу тоа под кои и какви услови би им го дале земјиштето за кое од ден на ден цените по метар квадратен се зголемуваат. Неофицијално се зборува дека жителите на Љубаништа се подготвени да излезат и на протести доколку не се задоволат нивните барања за продажба на земјиштето според моменталната вредност.