Заврши Самит 100: Неопходни се големи инфраструктурни проекти за слободно и побрзо движење на луѓето и стоките

Од:

На 6-тиот годишен настан САМИТ100 за Бизнис лидери од ЈИЕ, чиј што фокус беше „Поврзување“ на регионот како основа за зајакнување на соработката преку економска и транспортна поврзаност, но и политичка координација и стабилност, беше заклучено дека се неопходни големи инфраструктурни проекти кои ќе овозможат слободно и побрзо движење на луѓето и стоките, како и дигитализација која е двигател на промените.

Најголемиот бизнис собир на овие простори – 6-тиот годишен САМИТ100 за Бизнис лидери од Југоисточна Европа, се одржуваше во Скопје на 16 и 17 октомври во присуство на повеќе од 150 еминентни претставници на бизнис сектор од ЈИЕ, премиери од 4 земји и нивни делегации, делегации од ЕУ, министри и меѓународни финансиски институции и повеќе од 120 акредитирани новинари од 8 земји ширум Југоисточна Европа.

„Веќе на третиот ден по завршување на САМИТ100, откако ги сумиравме впечатоците од овој значаен регионален настан, со сигурност можам да кажам дека како регион навистина имаме голем потенцијал – од производство на храна, кое само треба да се крене на едно повисоко ниво на обработка, стандардите, до енергетските потенцијали на регионот кои сѐ уште не се доволно искористени пред сѐ во обновливите извори на енергија, до туризмот и она што имаме да го понудиме на глобалниот пазар, но кое е сѐ уште на основно ниво. Навистина има многу што нѐ поврзува сите од овој регион, почнувајќи од историјата, јазикот и географската одредница, па сѐ до економијата и немам дилема дека единствен прав пат да дојдеме до максимални ефекти на овие потенцијали е токму регионалната соработка. Дополнително, од исклучителна важност е да го спречиме т.н. ‘одлив на мозоци’ и да ги искористиме предностите на дигитализацијата, со цел на некој начин да успееме да промениме сѐ“, изјави Јелена Радуловиќ, програмски директор на САМИТ100.

Свое обраќање на САМИТ100 имаше и Еврокомесарката за Транспорт, Виолета Булц која ја потенцираше важноста на оваа бизнис иницијатива и истакна дека од година в година е сè поубедена дека САМИТ100 станува исклучително важна платформа за регионална интеграција. Таа порача дека од клучно значење за регионот е неговата интеграција во Европската Унија и дека земјите од Западен Балкан треба да го искористат излегувањето на ЕУ од кризата.

На САМИТ100 исто така беше дискутирана и важноста на проектот „Free cargo“ кој претставува иницијатива за слободен товарен транспорт низ регионот и кој ќе овозможи проток на товарниот сообраќај без долги гранични контроли, застанување и царински формалности на државните граници, со примена на соодветните европски прописи за товарен превоз. Премиерот на Црна Гора, г-дин Душко Марковиќ, истакна дека времето што камионите го поминуваат на границите низ целиот регион се проценува на 26 милиони часови годишно, што е еквивалентно на 1% од регионалниот БДП.

Во рамките на САМИТ100, беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу регионалната платформа САМИТ100 и Коморскиот инвестициски форум на шест земји од Западен Балкан (WB6 CIF) – тело за регионална соработка на коморите од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, чија цел е да ги обедини силите од приватниот сектор во понатамошна регионална соработка, проширено со Словенија и Хрватска, која ќе резултира во подобрување на конкурентноста на целиот регион и ќе овозможи подобар животен стандард на сите луѓе од овој регион.

Исто така, на САМИТ100 се најави и стартот на проектот „е-Скопје“ како продолжение на проектот „ЕДИСОН“ кој е регионален проект за електрификација на автопатиштата во регионот и има цел да обезбеди масовно прифатлива електрична мобилност во регионот преку регионално развиени решенија и да делува како иновативен центар на ЕУ.

Обележје на САМИТ100 беа 5-те креативни работилници на кои бизнис лидерите од ЈИЕ изнаоѓаа нови идеи и проекти од специфични сектори и теми преку кои понатаму ќе може да се подобри регионалната соработка и да се обезбеди подобра конкурентност на стоките и услугите од регионот. Оваа година работилниците беа посветени на енергетиката, економијата базирана на знаење, храна и пијалоци / брендирање на регионот, дигитална економија и туризам.

Идеите и заклучоците на самиот крај на САМИТ100 беа презентирани на претседателите на Владите на Република Македонија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина кои заеднички констатираа дека ако се обезбеди поволна бизнис клима преку надминување на царинските бариери, подобрување на работата на јавната администрација, реформи во образовниот систем, изградба на инфраструктура која ќе ги поврзува, земјите од Западен Балкан – економиите на регионот, со предвиден раст од 5 отсто, ќе станат поконкурентни и ќе се обезбеди побрз влез во Европската Унија.

На САМИТ100 во Скопје, беа регистрирани вкупно 249 учесници од 12 земји. Од нив, 153 доаѓаа од бизнис секторот, а 96 беа претставници на меѓународниот и владиниот сектор. За првпат, на САМИТ100 во Скопје, имаше акредитирани близу 130 претставници на локалните и регионалните медиуми. Во организацијата на настанот, беа вклучени 5 фирми-изведувачи со над 40 ангажирани лица.

Имајќи го предвид обемот на САМИТ100 во поглед на организација, координација, комуникација и протокол, САМИТ100 во оваа прилика би сакал да упати огромна благодарност до сите партиципиенти. Посебна благодарност би сакале да упатиме до жителите на градот домаќин, Скопје, за нивното трпение и разбирање за безбедносните протоколи кои се неопходност за ваков вид на собири. Горди сме што градот Скопје покажа капацитет и можности да биде домаќин на највисоката бизнис и политичка елита од регионот.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Заев: Приватниот сектор двигател на идниот раст и развој на регионот

Наум Локоски

(ВИДЕО) Анѓушев на Самит 100: Македонија ќе биде добар партнер и сосед на сите земји во регионот

Наум Локоски

Над 150 бизнис лидери од ЈИЕ и четворица премиери на „Самит 100“ во Скопје

Наум Локоски