Италијанската компанија „Текнохозе“ денеска ќе постави камен-темелник на вториот објект во Технолошко-индустриската зона Скопје 1 во Бунарџик во кој ќе се произведуваат хидраулични спојки за армирани гумени црева за висок притисок.
Лани компанијата го пушти во употреба својот прв капацитет во Бунарџик, инвестиција вредна пет милиони евра со 50 нови вработувања. Во погонот што се простира на 3.000 метри квадратни се произведуваат армирани гумени црева за висок притисок за градежната и за автомобилската индустрија. Производството се пласира на пазарите во земјите од Југоисточна Европа и во Русија.
Според најавите со втората инвестија вкупниот број на вработувања ќе достигне до 200.
Компанијата „Текнохозе“, која во Република Македонија е регистрирана под името „Витек Македонија“, е членка на италијанската групација „Витило“. Групацијата е во приватна сопственост и вклучува два правни субјекта „Групо Витило СРЛ“ што се занимава со производство и продажба на хидраулични спојки под висок притисок и „Текнохозе СРЛ“ за производство на армирани гумени црева.
Групацијата има годишен обрт од 36 милиони евра и поседува шест фабрики во Италија со околу 200 вработени.