Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска со свое обраќање го одбележа свеченото отворање на дводневниот Дигитален Самит на Западен Балкан којшто се одржува во Република Македонија во рамки на Берлинскиот Процес во организација на Министерството за информатичко општество и администрација и Владата на Република Македонија.
Пред присутните бројни претставници на владите на земјите од регионот, на претставниците на ЕУ, на членовите на делегациите и тимовите на земјите спонзори на Берлинскиот процес, како и на стотици други претставници на организации и компании од информатичката технологија, Претседателот на Владата на Република Македонија во своето обраќање на отворањето на „Дигиталниот самит на Западен Балкан“ кој е фокусиран на дигиталната трансформација на регионот, истакна дека целите на кои се насочува самитот како што се конкурентност, економскиот раст и работните места, како и поврзувањето на регионот се многу блиски до стратешките политики на План за економски раст на Владата на РМ.
„Тие се во согласности со долгорочната визија на Владата на Република Македонија за создавање најдобри услови за конкурентна и одржлива економија, по примерот на економијата на ЕУ. Нашите економии и општества во моментот се подложени на огромни промени. Многу од овие промени се поттикнати од реформите, но и од новите технологии и од иновативните начини на економски развој, меѓу кои еден од пресудните критериуми и услови е – комуникацијата и поврзувањето. Дигиталната револуција ги отстрани географските бариери. Далечините меѓу различни точки во светот со ист интерес, веќе немаат никакво значење“ нагласи премиерот Заев во својот говор.
Премиерот Заев потенцираше дека во светската економија, оние кои целосно ќе ги искористат новите технологии ќе бидат најдобро позиционирани во глобалната трка за конкурентност.
„Инвестирањето во нови технологии на мултидисциплинарен начин ќе донесе поврзување, ефикасност и продуктивност. Комбинираната употреба на дигитални технологии со другите нови технологии доведува до нови и иновативни бизнис модели, генерира конкурентност, работни места и раст“, рече пемиерот Заев.
Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев посочи дека една од целите на дигиталната трансформација е и подигањето на стандардите и поврзувањето на земјите од Западен Балкан меѓу себе и со земјите на ЕУ.
„Регионалната соработка има клучно значење во поврзувањето на државите, граѓаните и економиите на Западен Балкан. Таа регионалната соработка доби своја опиплива суштина преку Берлинскиот процес, а особено по усвојувањето на Повеќегодишниот акциски план за Регионалната економска област минатата година во Трст“ потенцираше премиерот Заев.
За значењето на самитот и за придобивките од неговата агенда за земјите од регионот на свеченото отварање покрај Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев говореа и еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, државниот секретар во Министерството за економија и енергија на Сојузна Република Германија Томас Барејс, и министерот на информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Во рамки на панелот на кој дебатираа премиерите и високите владини претставници на Владите од Западен Балкан, премиерот Заев запрашан за актуелните владини политики коишто се однесуваат на дигиталната трансформација одговори дека Владата на Република Македонија заедно со Министерството за информатичко општество и администрација работи на дигитализација на 30 –тина услуги кои граѓаните ќе може да ги добиваат преку интернет.
Во тој контекст премиерот Заев рече дека целта е да се овозможи можност преку интернет граѓаните да добиваат документи од типот, одобренија за градба, извод од матична книга на родени, да има онлајн увид во парцелите на државнот земјоделско земјиште, и други услуги кои граѓаните ќе можат да ги добијат преку еден клик од своите компјутери или смарт телефони.
„Сакаме позитивните искуства и пракси во однос на дигиталната трансформација од западниот свет да ги имплементираме во нашата земја. Работиме на унифицирање на процесот на дигитализација во сите државни институции со цел да обезбедиме навремено и брзо опслужување и бенефит за нашите граѓани“ порача премиерот Заев.
На четвртиот панел од првиот ден на Дигиталниот Самит беше презентирана регионалната студија за влијанието на дигитализацијата врз просперитетот на земјите од Западен Балкан од страна на Флоријан Бибер, директор на Центарот на југоисточни европски студии на Универзитетот во Грац, Австрија и Марушка Визек, директорка на Еконосмкиот Институт во Загреб, Хрватска. Резултатите покажуваат дека дигиталнатата трансформација има позитивно влијание врз растот на Бруто домашниот производ, нови инвестиции и отворање на нови работни места и за борба против корупцијата, беа споделени важни податоци и информациии кои можат да послужат како значаен инпут во креирање на политики за дигитализација.
Во однос на резултатите од презентираната студија премиерот Заев посочи дека дигитализацијата, дигиталната економија и технолошкиот развој треба силно да бидат финаниски поддржани од владите бидејќи овозможуваат раст на БДП и отворање на работни места. Тој порача дека Дигиталниот самит претставува одлична прилика да се подигне свесноста во целиот регион за потребата од регионално дигитално поврзување и сериозна мотивација за ИТ компаниите, невладините организации да соработуваат за дигитализација на регионот.
Во наредните два дена за време на „Дигиталниот самит на Западен Балкан“ ќе бидат одржани бројни дебати, трибини и работилници за дигиталната трансформација, дигиталната економија и поврзување, за дигиталната безбедност и дигиталните вештини, а во политичкиот дел ќе бидат одржани и повеќе состаноци на највисоко ниво на владите од регионот.
За време на самитот паралелно ќе течат и активностите на Дигиталниот ЕКСПО настан во рамки на првиот Дигитален самит за Западен Балкан, како единствена можност за компаниите во дигиталната индустрија да ги претстават своите иновативни производи и услуги, и да се запознаат и поврзат со потенцијалните партнери од владиниот и бизнис секторот.