ВИДЕО: Македонија со централен штанд како партнер на Агра во Словенија

Од:

Ајвар, лутеница, традиционално овчо сирење и јагне, органска храна и флаширано вино, се дел од производите што ќе ги промовира Македонија на претстојниот Меѓународен саем „АГРА 2018“ во Горна Радгона, Република Словенија.

Македонија годинава е земја-партнер, поради што ќе има централно место на саемот, со штанд од 140 метри квадратни. Како што рече денеска министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, во фокусот на македонската промоција ќе бидат и туризмот, како и можностите за инвестирање.

– За успешна промоција на Македонија се вклучени сите институционални капацитети, а поддршка добивме и од премиерот. Средствата за штандот што ќе биде поставен во централниот дел, се обезбедени од буџетот на Министерството, истакна Николовски.

Словенечкиот амбасадор Милан Јазбец изрази задоволство што Македонија, по Кина лани, е партнер на АГРА.

– Македонија ќе биде главна држава на саемот. Ова е уште една потврда за нашата длабока соработка и пријателството што трае повеќе од сто години. Се сеќавам на зборовите од мојот учител во шесто одделение кој рече: Македонија е како Калифорнија, четири пати во годината може да бере домати, рече Јазбец.

Осврнувајќи се на деталите околу годинашната АГРА што ќе почне на 25-ти, а ќе заврши на 30 август, проектниот менаџер на Помурски саем Борис Ерјавец напомена дека акцент ќе се стави на младите фармери, нивното вклучување во агро бизнисот, иновациите, дигитализацијата, паметните ИТ решенија, современата механизација и одржливоста на производството. Меѓу клучните теми ќе биде и пчеларството.

Предвидени се и изложби на добиток, конференции, предавања и тркалезни маси. Се планира одржување на преку 150 деловни, стручни, професионални, натпреварувачки забавни настани, информира Ерјавец.

На „АГРА 2018“ ќе учествуваат преку 1.800 изложувачи од 36 држави на вкупно 71.300 метри квадратни површина, а настанот ќе го следат повеќе од 200 новинари.

Саемот традиционално го отвора претседателот на Словенија во присуство на министри и министерски делегации од Централна и Источна Европа, како и од Европската унија.

Проценката е дека „АГРА 2018“ ќе привлече околу 120.000 посетители.

Би можело да ве интересира

Македонија земја-партнер на „АГРА“ 2018

Ана Ололовска