Ван Хол најави проширување на производната линија и нови вработувања

Од:

Белгиската компанија „Ван Хол“ го произведува 210-от автобус во фабриката во ТИРЗ Скопје 2 во Македонија.

На официјалното пуштање во употреба на фабриката денеска во присуство на владиниот врв и гости од бизнис заедницата, раководството на „Ван Хол“ најави проширување на производната линија и пласман покрај на американскиот и на европскиот пазар, како и зголемување на бројот на вработени од сегашните 430 на 600. Досега во фабриката на површина од 37.000 метри квадратни се инвестирани 25 милиони евра.

Инвестицијата на „Ван Хол“, според премиерот Никола Груевски, е од извонредно значење за Република Македонија со која се враќа традицијата на автобуската индустрија во државава, се отвораат нови работни места и се испраќаат позитивни пораки до другите инвеститори за бизнис климата.

– Фабриката претставува инвестиција од 25 милиони евра и моментно вработува 430 наши сограѓани која бројка се очекува во наредниот период да достигне 600. Фабриката веќе работи активно, а околу сто автобуси произведени во неа се извезени во САД. Произведени се вкупно 140 автобуси, а во фаза на производство се 70, што значи дека веќе се работи на производство на 210-от автобус во Македонија, рече Груевски.

Воспоставената соработка на „Ван Хол“ со неколку домашни компании кои со својата работа би учествувале во синџирот на производство на автобуси од Македонија, укажа Груевски, ја враќа на голема врата индустријата на производството на автобуси што беше особено актуелна во минатото.  Ги повика сите македонски компании да ги искористат  можностите за соработка со инвеститорите кои отворија свои производни капацитети во Македонија.

– Тоа е извонредна можност  за сите домашни компании, не треба да чекаат тие ним да им се обратат, туку  треба да размислат на кој начин, со која своја понуда или дополнителна инвестиција да им се приближат,  нагласи Груевски, изразувајќи задоволство што етаблираниот бренд на „Ван Хол“ на светските пазари се произведува во Македонија, која е нивна прва странска дестинација за инвестирање.

Одлука да белгискиот инвеститор да вложи во нашата земја, посочи Груевски,  е уште една потврда за успешноста на нашите реформи и условите кои ги создаваме за домашните и странските инвеститори.  Очекува Македонија, благодарение на зголемениот број инвестиции и новите фабрики, годинава да има уште подобри резултати од минатогодишниот трет најголем раст на БДП во цела Европа. Таквите очекувања ги темели и на зголемувањето на извозот за 17 проценти во првиот квартал годинава, чии рекордни стапки, како што посочи, доаѓаат токму од ТИРЗ во државата каде што постојано расте производството.

 – Стабилната економија и добрата бизнис клима привлекуваат и нови инвеститори, кои во изминатиот месец најавија отворање фабрики во повеќе делови на Македонија. Тука во Бунарџик свој влез најавија италијанската компанија „Диатек“ и украинската „Енергија“, а повеќе други се во фаза на преговори и интерес за инвестирање. Тоа ни дава уште поголем мотив и енергија да продолжиме со нашата работа, да создаваме услови за добра бизнис клима, за продуктивност, ефикасност и повисок профит на компаниите кои што ќе решат да инвестираат во нашата држава, рече Груевски.

Извршниот директор и сопственик на „Ван Хол“, Филип Ван Хол изрази задоволство што успеале да ја изградат фабриката за само една година, истакнувајќи ја тимската работа и поддршката од македонската Влада и стручниот кадар.

– Успеавме да почнеме со производство и веќе испорачавме 140 возила, ангажиравме 430 вработени, потпишавме поддоговори со повеќе компании. Ова е само почеток  со оглед дека во последниот квартал од годинава ќе почнеме со производство на ново возило за европскиот пазар што ќе донесе нови 140 вработувања, најави Филип Ван Хол.

Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски во фабриката на „Ван Хол“ најдоа место и оние кои порано работеа во оваа индустрија, но и оние кои првпат се вработуваат.

–   Доста често се слушаше во изминатите години дека Македонија треба да работи на рестартирање на старите затворени фабрики и слично. Иако е  тоа  добра идеја и кажано со добра намера, сепак, реалноста е дека решението е во нови фабрики и производи и услуги кои реално се продаваат на пазарот, рече Пешевски, укажувајќи на ефектите од инвестицијата и со тоа што се отвораат работни места и во самата фирма, но и кај добавувачите.

Секоја македонска компанија којашто продава на фирма во зоните, како што е „Ван Хол“, според Пешевски, реално извезува  од Македонија.

– Не само што условно кажано извезува во зоните туку понатаму  со усвојување високи стандарди помага да се извезува и да се освојуваат нови пазари надвор од Европа, нагласи вицепремиерот Пешевски.

Министерот за странски инвестиции Веле Самак, носител на повеќегодишните преговори со белгискиот инвеститор, истакна дека со отворањето на новата фабрика се прославува обнова на македонската автомобилска индустрија.

–  Овие 37.000 метри квадратни ја претставуваат втората најголема фабрика во Македонија во последните две децении и сплотување на белгискиот дизајн и иновативност со македонска работна рака. Резултатот го гледаат бројните патници на автобусите со ознака „Made in macedonia“,  рече Самак.

„Ван Хол“ почна со работа во Македонија во јули минатата година, откако во 2012 беше потпишан договор со Владата за инвестиција  во ТИРЗ Скопје. Капацитетот на „Ван Хол“ е прв од фабриките во македонските индустриски зони кој произведува конечен готов производ, а оди под брендот „Произведено во Македонија“.  Голем дел од производниот процес веќе вклучува компоненти од македонско производство.

„Ван Хол“ е семејна компанија од Белгија, формирана во 1947 година. Произведува градски и меѓуградски автобуси, како и индустриски возила. Има повеќе од 4.000 вработени во светот и остварува преку 450 милиони евра годишен обрт. Над 80 отсто од производството на „Ван Хол“ е наменето за извоз.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Германските стопанственици гледаат огромен потенцијал во Владата, очекуваат да се реализираат големи инвестиции

Мицкоски: Во периодот што следи работиме на три нови инвестиции

Влада: Инвестираме историски највисоки 250 милиони евра за капитални проекти во општините

(ВИДЕО) Мицкоски: Одвоивме 250 милиони евра за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините

Горан Наумовски

Мицкоски: Колку повеќе ќе биде успешна бизнис заедницата, толку ќе биде поуспешна и самата Влада

Се јави и трет за истата германска инвестиција: Не е ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ

Предраг Петровиќ