Унгарија е заинтересирана да се вклучи во реализација на проектот за далекуводот Елбасан – Битола, а планира да отвори канцеларија за туризам во Скопје за привлекување унгарски туристи.
Ова е договорено на денешната средба меѓу македонската и унгарската делегација на која присуствуваа министерот за економија Ваљон Сарачини и државниот секретар за надворешни работи и меѓународни економски односи и копретседател на Унгарско-македонскиот деловен совет, Петер Сијарто.
На средбата е разговарано и за проекти во делот на градежништвото, земјоделството и минералните суровини, како и за учеството на унгарски компании во проектот „Скопје 2014“, а договорена е и посета на 30 македонски студенти на Унгарија.
И од унгарска и од македонска страна беше оценето дека политичките и економските односи меѓу двете земји се добри и беше изразена надеж дека со реализацијата на овие конкретни проекти Унгарија ќе се врати на второто место по инвестиции во Македонија како што тоа било случај пред должничката криза.
Во рамки на дводневната посета на унгарската делегација денеска беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу агенциите за странски инвестиции на двете држави. Во текот на вчерашниот ден се одржа и бизнис-форум на кој беа претставени можностите за инвестирање во Македонија пред унгарските бизнисмени.