Турски „Суташ“ кој ја купи млекарата „Сведмилк“ најавува почеток на производство во мај годинава. Ќе почне со шест категории производи. Досегашната инвестиција е 10 милиони евра и се ангажирани околу 50 вработени.
Владин тим предводен од вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска го посетија производствениот капацитет на Суташ во Македонија „Балканска млекара“, при што се запозна со активностите што ги спроведува турскиот инвеститор за почеток на производството.
– Со ова очекуваме долгогодишната сага на Сведмилк да биде успешно завршена. Се работи за најголемата млекара во Турција со обрт од над 500 милиони евра. Инвеститор кој го знае бизносот и има огромно искуство во сите сегменти и одлично портфолио на производи кои во Македонија ќе бидат со навистина добар квалитет, изјави Пешевски.
„Балканска млекара“ на почетокот планира да произведува 45 тони млеко дневно, а капацитетот на фабриката е 180 тони млеко на ден. Планира инвестиција од пет милиони евра до крајот на годинава, а бројот на вработувањата да достигне до 200.