Проектот „Сахараја Македонија“ на индискиот милијардер Субрата Рој на Охридското Езеро ќе отвори илјадници работни места, ќе ја продолжи туристичката сезона преку целата година, ќе има десетици илјади туристи, ќе има промет за дуќаните, за сите сервисни и други услуги, ќе придонесе за БДП, како и девизен прилив за локалното население.
Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет во врска со проектот на индиската групација „Сахара Груп“ на Охридското Езеро.
Индиската компанија го достави предлогот за реализација на проектот до Владата минатата недела, по неколкумесечни подготовки.
Проектот за комплексот, кој ќе се протега на 240 хектари, е на една од најјаките светски компании, британската „Аткинс“, а предвидува изградба на туристички комплекс кој ќе содржи објекти за рекреација, одмор, терени за голф, спа центри, марина-хотели, објекти за забава, казино на вода… Има целосна еколошка студија.
Од „Аткинс“, како што рече министерот Ставрески, има највисок степен на гаранција дека ќе има заштита на еколошките аспекти на Охридското Езеро и дека тие ќе бидат сочувани и тоа многу повеќе отколку што ги чуваме ние.