ССИ: Странските инвестиции стабилни, неопходен стручен кадар со средно

Од:

Странските инвестиции во Македонија се стабилни и покрај политичката криза, вработуваат преку 50 илјади лица и речиси ниту една од компаниите досега не се повлекла од земјава, оцени денеска претседателот на Советот на странски инвеститори (ССИ) при Стопанската комора Штефан Петер.

Како што истакна Петер, странските инвестиции не се само вложувањата во слободните економски зони, туку и оние во останатите сектори, банкарството, телекомуникациите, енергетиката, текстилот,…, и затоа, треба да се води сметка кога се даваат какви било коментари на оваа тема. Прашањето, пак, дали и колку некој од странските инвеститори ќе ги зголеми платите на вработените, е индивидуална одлука, на компанијата, но заедничка и недвосмислена е определбата на сите за градење одржливо, здраво и предвидливо стопанство.

– Кога зборувате за платите кај странските инвеститори, не треба да споредувате јаболка со круши, туку јаболка со јаболка. Не треба да ги споредувате платите во фабриките и оние во банкарството. Исто така, многу е важно да се гледа целосната слика, да се согледаат платите на годишно ниво зашто некои компании даваат 13 и 14-та плата, а некои обезбедуваат други бенефиции, нагласи Петер на прес-конференција.

Одговорајќи на новинарски прашања, рече дека ССИ од новата влада ќе бара дијалог, истото она што го бараше и од досегашните власти. Ќе бара и решение за надминување на најголемиот актуелен проблем со кој се соочува бизниот – недостигот на стручен кадар со средно образование.

– Од секоја па и од новата влада ќе побараме дијалог, да седнеме на иста маса, да разговараме, да се слушнат нашите мислења и предлози. Не сметаме дека сме многу мудри, но имаме добри идеи и тие се бесплатни. Притоа, не се за лична благосостојба, туку за доброто на целата земја, напомена Петер.

Оцени и дека субвенциите за странските инвеститори дадоа резултати, а потврда за тоа, рече, е фактот дека се обезбедени преку 50.000 вработувања. – Бројот на вработените потврдува дека одлуките за поддршка не биле толку лоши. Да немаше субвенции, немаше да го стигнеме ова ниво на странски инвестиции, подвлече Петер.

Македонија, укажа, е во глобален натпревар поради што треба да биде конкурентна. – Ако не понудите поволни услови, странските компании ќе отидат во соседната земја, рече Петер, посочувајќи ги Бугарија и Србија како конкурентни.

Странските инвеститори во Македонија соработуваат со преку 5.000 домашни компании и освен постоечките директни, креираат и индиректни вработувања со што, според претседателот на ССИ, се зголемува уделот во економијата, а тоа се рефлектира врз БДП.

Став на Петер е дека странските инвестиции последниве години придонеле да се намали невработеноста за околу десет проценти.

– Странските инвеститори истовремено се грижат и за локалните фирми, ја интензивираат соработката со нив и го зголемуваат нивното интегрирање во синџирите на добавувачи. За оваа цел ќе биде организиран посебен деловен форум, а ќе се одржи и конференција која ќе ги третира реформите во образованието и на која уште еднаш ќе биде искажана потребата од соодветен стручен кадар согласно потребите на бизнисот, рече Петер.

Според него, недостигаат кадри со средна стручна подготовка во речиси сите сектори. Од вработените 50.000 не треба сите да бидат доктори на науки. Треба да има и работници на кои ќе им биде обезбедена фер плата за достоен живот. Во спротивно, ќе размислуваат да заминат од земјава.

– Нашата цел е да вработуваме локални жители, од земјава, но ако тие не се соодветно образовани, на начин корисен за бизнисот, не можете да очекувате дека ќе ги вработиме, потенцира Петер.

Осврнувајќи се на планираните активности за годинава, информира дека Советот подготвува нови мерки за одржлива деловна клима кои ќе бидат објавени во втората половина од 2017-та, во второто издание на Белата книга. Во меѓувреме, изготвен е каталог на членки на Советот кој освен во печатена, може да се најде и во електронска форма на веб-страницата на ССИ. Каталогот служи како алатка за домашните добавувачи и за потенцијалните бизнис – партнери.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Германските стопанственици гледаат огромен потенцијал во Владата, очекуваат да се реализираат големи инвестиции

Мицкоски: Во периодот што следи работиме на три нови инвестиции

Влада: Инвестираме историски највисоки 250 милиони евра за капитални проекти во општините

(ВИДЕО) Мицкоски: Одвоивме 250 милиони евра за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините

Горан Наумовски

Мицкоски: Колку повеќе ќе биде успешна бизнис заедницата, толку ќе биде поуспешна и самата Влада

Се јави и трет за истата германска инвестиција: Не е ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ

Предраг Петровиќ