Скопски пазар користи земјиште заплеткано во спор за денационализација

Од:

Една од најатрактивните локации на Скопски пазар, комплексот во населбата Тафталиџе, каде компанијата изгради модерен супермаркет и мини трговски центар со дваесетина дуќани, е заплеткана во постапка за денационализација и судски спорови што траат 15 години.

Скопски пазар изминативе месеци се најде во центарот на вниманието на јавноста со одлуката да се повлече од бизнисот со супермаркетите и почна да ги продава или издава своите најатрактивни локали, меѓу кои и оној кај пазарчето и трговскиот комплекс во Тафталиџе.

Приказната за спорот со имотот во Тафталиџе започнува во 1963 година. По катастрофалниот скопски земјотрес, Градот носи одлука за национализација на големи површини кои дотогаш биле земјоделско земјиште и ливади. На овој простор потоа се гради денешната населбата Тафталиџе. Во овој процес, со одлука на тогашната општина Идадија, 762 квадратни метри земјиште му е одземено на семејството Јовановски. Земјата му е доделена на Скопски пазар, кој на тоа место почнува да гради свои објекти.

Скопјанецот Јован Јовановски, кој е наследник на атрактивниот имот, во 2003 година поведува постапка за денационализација. Тогаш почнува неговата борба за надомест за имотот одземен од државата, која безуспешно трае до денес. Комисијата за денационализација ги одбива сите барања, тврдејќи дека семејството уште во 60-те добило надомест за одземениот имот. Но, Јовановски вели дека тоа не се случило, и дека не постои доказ за никаква исплата кон неговото семејство. Низ годините, на семејството, кое ги поседува сите тапии и документи за спорното земјиште, му бил нуден надомест од околу 2000 денари по квадратен метар, но тоа го одбивале како неприфатлив износ, многупати помал од пазарната вредност на атрактивната парцела.

Јовановски деновиве се подготвува по четврти пат да го оспори решението на Комисијата за денационализација пред Управниот суд. Во претходните три наврати, Судот ги уважувал неговите жалби и ги поништувал решенијата на Комисијата, враќајќи го предметот на повторно одлучување, со укажување дека таа мора да ги разгледа аргументите на Јовановски.

„И покрај тоа што Судот веќе трипати ги уважува моите жалби и постојано ѝ укажува на Комисијата за денационализација дека треба повторно да ги разгледа аргументите, та ги игнорира укажувањата на Судот и постојано носи исти решенија со кои го одбива барањето, вели Јовановски.

Тој додава дека е решен да добие соодветна компензација за земјиштето кое го владеде Скопски пазар и е подготвен случајот да го обжали пред Врховниот суд. Ако и таму не ја најде правдата, размислува да ја тужи државата пред Судот за човекови права во Стразбур.

Скопски пазар во јануари годинава го затвори некогашниот СП-маркет во Тафталиџе, кој сè уште не работи. Според пишувањата во медиумите, компанијата ги издала своите маркети во Скопје на двајца довчерашни конкуренти, компаниите Зур и Кит-го.

Медиумите известија и дека Скопски пазар, некогаш лидер на пазарот, сега прибегнува кон издавање и продажба на атрактивните недвижнини поради милионските долгови што ги има кон добавувачите и банките.

Би можело да ве интересира

Што ако првите луѓе на Скопски пазар бидат осудени за криминал со акции?

Наум Локоски

Продолжува распродажбата на имотот на Скопски пазар

Наум Локоски

Скопски пазар продал имот по трипати пониска цена од пазарната

Наум Локоски

Стартува судски процес против раководството на Скопски пазар за криминал со акции

Наум Локоски

Судот го прифати обвинителниот акт против првите луѓе на Скопски пазар

Наум Локоски

Директорите на Скопски пазар на суд за сомнително купување сопствени акции

Наум Локоски