„Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија – СИЕР со големо внимание ја следи дебатата во јавноста во врска со предлогот за измена на Законот за минерални суровини.
Имено, како синдикат кој организира голем дел од вработените во дејноста на која се однесува законот, мораме да ја изнесеме загриженоста за работните места и вработените. Ова од причина што усвојувањето на предложениот закон претставува сериозна закана за запирање на работењето на рудниците во целина.
Со сета должна почит за грижата за животната средина, сметаме дека рударството како дејност која сериозно придонесува во вкупниот БДП на државата заслужува барем издржана стручна и научна анализа на состојбите пред да се предлагаат какви било законски промени. Ова е прашање за кое не смее да се одлучува без сериозни научни аргументи, без обмислена стручна и јавна дебата, во која ќе се соочат релевантни анализи и истражувања. Рудниците до овој момент работат според важечки стандарди и според добиени мериторни дозволи за работа.
Дури и површна логичка анализа на некои од изјавите кои го објаснуваат законското решение покажува дека се работи за палијативен пристап на предлагачите. Како инаку може да се свати објаснувањето дека измените на законот би важеле за некои рудници, а за некои не.
Доколку е потребно да се ограничи употребата на некои опасни по околината и здравјето супстанци, тоа мора да се направи по највисоки светски признати норми и стандарди, но согласно сéопфатна анализа на состојбите и последиците. Впрочем, како илустрација може да наведеме дека на пример во земјоделието во Македонија се употребува неколку пати повеќе цијанид отколку во рударството.
Затоа СИЕР бара предлагачите да го повлечат предложениот закон, за кој Министерството за економија веќе даде негативно мислење“ се вели во соопштението на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство.