Адора Инженеринг, Акцент Компјутери, Авицена Лабараторија, Backstage, DHL, Eлена Лука, Еуро фарм, Еуроимпекс, Еуролинк, Хот-Хот, Идеа Плус, Коузон, Кристал, Монтенегро, Плива, Пропионт, Ре Медика, Секјуриком, Семос, Скопски Саем, Солета, Витаминка, Теа Модерна, Театар Комедија, Телекабел, Трансмет, Универзитет за туризам и менаџмент, Влатко Стефановски, Здравје Радово, Жито Лукс се „супербрендовите“ на Македонија за 2013/14 година.
Покрај стручното жири, во изборот на најдобрите учествуваа преку 8.000 потрошувачи. Пресудни беа квалитетот, сигурноста, препознатливоста и емотивната приврзаност.
– Најдобрите пазарни марки во Македонија повторно се крунисани со глобалната награда Супербрендс. Супербрендс знакот не е само декорација на производот, туку официјално признание на пазарната марка и шанса компаниите да освојат нови потрошувачи, како и да ја задржат лојалноста кај постоечките. Тоа во прв ред е признание за минатиот труд, но претставува голема одговорност за идниот раст и развој, изјави Зоран Саздовски, директор на Супербрендс за Адриатик регионот на доделувањето на признанијата.
Пазарните марки кои го добија престижното Супербренд признание оваа година, како што беше посочено, уште еднаш докажаа дека квалитетот, препознатливоста, долговечноста и емоционалната поврзаност со потрошувачите ја надоградува вредноста на брендовите, гарантира опстанок и конкурентност на домашниот и странскиот пазар.
На доделувањето на признанијата присуствуваа преку 150 гости од бизнисот, маркетингот, медиумите и естрадата меѓу кои и легендарниот актер, режисер, музичар и продуцент Раде Шербеџија, како и претставници на организацијата Супербрендс. Манифестацијата беше збогатена и со претставување на најновото издание на Супербренд публикацијата преку која првпат се обединуваат Супербрендовите од Адриатик регионот. Супербренд публикацијата нуди увид во начинот на кој настанале брендовите.
Третиот по ред избор на македонски супербрендови почна со селекцијата на стручното жири во почетокот на 2013 година кога повеќе од 1.000 домашни и меѓународни брендови во 27 категории беа на списокот финалисти, изготвен во соработка со водечките маркетинг и агенции за испитување на пазарот.
Меѓународната организацијата Супербренд е единствен глобален и независен авторитет во сферата на брендингот. Присутна е во преку 90 земји ширум светот и има за цел да ги идентификува водечките брендови на секој поединечен пазар, како и да ја промовира дисциплината на брендингот. Организацијата моментално соработува со повеќе од 15.000 пазарни марки од различни области. Реномираните светски брендови како што се: Coca-Cola, DHL, Google, IBM, McDonald’s, Microsoft, Wrigley и многу други, активно го употребаваа стекнатиот статус и знак во своите промотивни активности ширум светот.