Владината делегација предводена од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска ќе ги презентираат потенцијалите и предностите за инвестирање во Македонија пред индиските бизнисмени во градот Ченаи.
Ченаи е еден од економски најбрзо растечките градови во светот и единствен индиски град кој е рангиран на Форбс листата „Топ 10 најбрзо растечки градови во светот”. Во овој индиски град со популација од 4,7 милиони жители водат бизнис 24 индиски компании кои вредат над милијарда долари. Тој е познат како град на автомобилската индустрија со фабрики на Хјундаи, Рено, Нисан, Форд, БМВ, Митсубиши. Исто така, развиена е информатичката индустрија.
Презентацијата се организира во соработка со најголемата стопанска комора во Индија ЦИИ – Конфедерација на индиските индустрии.
Ова е петта дестинација на владината делегација за презентација на инвестициските можности во Индија. Инвестициските потенцијали на Македонија беа презентирани и пред бизнис заедниците во Њу Делхи, Бангалор, Тривандрум и Хидерабат.
Во состав на делегацијата се и министерот без ресор за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата на технолошко-индустриските развојни зони Виктор Мизо.