Околу 120 нови вработувања ќе обезбеди новата инвестиција од 3,8 милиони евра на италијанската компанија ИТЕК која денеска во ТИРЗ во Тетово ја почна изградбата на новиот производствен погон.
Фабриката ќе се протега на површиа од околу 4.000 метри квадратни и е првата инвестиција во оваа ТИРЗ.
Инвестицијата ќе се реализира преку компанијата PRO COMP ADVANCE TECHNOLOGIES и планирано е да се отворат пет производствени линии на композитни профили за производство на стаклени и карбонски влакна.
Премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на поставувањето камен-темелник, оцени дека се работи за значајна инвестиција со која ќе се обезбедат нови вработувања за луѓе од различна етничка припадност.
– Благодарение на новите инвестиции, извозот од зоните во државата во првите шест месеци од годинава изнесува над 550 милиони евра, а тоа значи дека е двојно зголемен во однос на првите шест месеци од минатата година. До крајот на 2014 година се очекува извозот од зоните да достигне вредност од над една милијарда евра, а таквите тенденции очекуваме уште повеќе да растат во иднина, нагласи премиерот Груевски.
Новите фабрики, додаде тој, се и еден од главните двигатели за намалување на стапката на невработеност и, како што рече, работите се движат во добра насока.
– Интересот за Македонија е голем. Продолжуваме со активна промоција на земјата, разговараме и преговараме со голем број странски компании. Многумина од нив веќе ги објавија новите инвестиции и наскоро ќе почнат да ги градат новите фабрики: италијанската Диатек, американската Key Saffety System, турската Веибо, германската Техникал текстил, британската Еуро БПО, германската ОДВ електрик, украинската Енергија, италијанската Монтанте груп, како и многу други, посочи Груевски.
Директорот на компанијата PRO COMP ADVANCE TECHNOLOGIES Роберто Оскири рече дека одлуката за инвестирање во Македонија ја донеле благодарение на поволните услови што им се нудат на странските инвеститори, малите бирократски постапки и ефикасната администрација.