Почна изградбата на гасниот интерконектор со Грција

Од:

Стартуваше изградбата гасниот интерконектор со Грција во должина од 66,7 километри на потегот од Гевгелија до Неготино, со почетен капацитет од 1,5 милијарди метри кубни годишно.

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, на означувањето на почетокот на градежните работи посочи дека проектот ќе донесе нови извори на природен гас, стабилно стабдување, пониски цени за граѓаните, поголема конкурентност за компаниите и како што нагласи, силна порака – конечно стануваме дел од европската енергетска мрежа.

Вредноста на проектот е 3,7 милијарди денари (60 милиони евра), обезбедени со поддршка од ЕБОР, ЕИБ и ЕУ.

– Овој проект не е нова идеја но досега остана само идеја, иако беше ветувано претходно никогаш не беше започнат. Затоа денеска не правиме спектакл за да ги залажаме луѓето, туку да покажеме дека се работи со одговорност, истрајност и вистински намери. Резултатите стигнуваат. Ова е само дел од поголемата слика, се поврзуваме со гасоводите на соседите, што ќе не направи регионална енергетска крстосница, рече Мицкоски.

Министерката за енергетика Сања Божиновска истакна дека ќе добиеме современ гасовод, подготвен и за идниот транспорт на зелен водород, со можност за двојно зголемување на капацитетот. Тоа, посочи, значи енергетска стабилност за домаќинствата и конкурентност за македонската индустрија. Испраќаме јасна и гласна порака: Македонија повеќе не е заложник на енергетска зависност и инфраструктурна изолација.

– Со воспоставување на интерконекцијата, Македонија станува активен дел од регионалната енергетска мрежа. Тоа отвора врати за извоз на енергија, привлекување на странски инвестиции и изградба на стратешки партнерства. Паралелно, работиме на тоа и конечно да ги завршиме сите формалности за да го ставиме во функција продуктоводот за транспорт на дизел. Успеавме да ги надминеме правните предизвици во однос на царинската регулатива, така што сега нема пречки ниту за користење, ниту за наплата. Во тек се технички испитувања, и очекуваме продуктоводот да биде ставен во употреба во наредните неколку месеци, рече Божиновска.

Таа соопшти и дека се финализираат активности за гасна поврзаност и со Србија. Во завршна фаза е изработката на техничката документација, по што ќе следи и изработка на проектот за изградба. Овие два клучни интерконектори – со Грција и со Србија – се поддржани од Европската комисија, и се вклучени во Акцискиот план на ЕУСАИР (Јадранско-Јонска стратегија за регионално поврзување), појасни министерката Божиновска.

На свеченоста присуствуваа амбасадорите на САД, ЕУ и Грција во државава, како и претставници на ДЕСФА, Србијагас, ЕБОр, ЕИБ…

Изведувачот на работите, кумановската компанија „Рапид билд“ треба да ги заврши работите за 22 месеца, односно интерконкторот да биде готов во 2027 година.

Би можело да ве интересира

НОМАГАС и Србијагас потпишаа Меморандум за соработка за изградбата на интерконекторот за природен гас

Потпишан договорот за изградба на гасниот интерконектор со Грција

Катерина Ѓуровски