Отворена фабриката на американски „Адиент“ инвестиција од 20 илјади долари и над 1.300 вработувања

Од:

Во ТИРЗ Струмица денеска беше официјално пуштена во употреба фабриката за производство на навлаки за автомобилски седишта „Адиент“. Инвестицијата е 20 милиони американски долари и ќе вработи над 1.300 лица.

На отворањето на овој прв објект во зоната присуствуваа премиерот Зоран Заев, американскиот амбасадор Џес Бејли, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо и Владимир Тефлик, потпретседател на операции на „Адиент“.

Претседателот на Владата Зоран Заев истакна дека како Влада посветена на евроатлантските интеграции ги отвора можностите и за бизнисот.
– Отворањето на „Адиент“ почна пред доаѓањето на новата Влада. И тогаш како градоначалник на Општина Струмица дадов силна поддршка, а и денеска го поздравувам отворањето на фабриката кое носи и нови работни места. Сакам да испратиме порака и дека ќе одиме чекор понатаму „Адиент“ да остане тука и да продолжи да се развива, рече Заев.

Додаде дека како реформска Влада ќе овозможат еднакви услови за развој на бизнисот.

– Преку реформскиот процес зад кој цврсто застаневме како Влада, ќе ги отвориме евроатланстките интеграции, насочени сме кон доследна примена на законските и правните регулативи со еднакви шанси за сите и политики на нула корупција. Тоа ќе има двоен ефект, исполнувањето на условите за ЕУ и НАТО ќе ја постави Македонија меѓу стабилните држави и ќе биде охрабрување на странските компании да вложуваат. Но, ќе биде охрабрување и за домашните фирми, затоа што најавивме дека Владата ќе насочи голема државна помош и кон домашните фирми. Тоа ќе стимулира квалитет, конструктувна конкуренција, подобра грижа за вработените и повисоки плати, рече Заев.

Претседателот нa Владата, посочи дека ќе создаваат општество отворено за сите.

– Нашите залагања се како држава да обезбедиме вистински развој на бизнис секторот, зошто тој е посакуваниот развој. Ако добро работат компаниите и фирмите, ќе има повисоки плати, нови работни места, економска стабилност. Македонија има природни потенцијали, вредни работници и потребна е политичка добра волја да се работи за сите граѓани на Македонија. Ќе се грижиме за секој работник, фирма и нема да има привилегии. Во услови на правна и праведна држава, новата Влада ќе го реализира ветеното-општество за отворени можности, на граѓаните за својата егзистенција, на фирмите за развојот, на перспективите на Македонија за секој кој живее и работи тука, рече Заев.

Американскиот амбасадор Џес Бејли, рече дека отворањето на погонот е инвестиција за иднината.

– Првата инвестиција во Македонија на тогаш „Џонсон Контрол“ ја донесе претходна Влада, а отворена од друга Влада. Ова не го споменувам како некаков историски факт, туку како показател дека успехот на Македонија бара сите да работат заедно. Инвестицијата е за иднината, претставува израз на доверба на земјата во нејзиниот развој и успех. Отворањето на овој погон покажува дека Македонија и луѓето заеднички соработуваат и работат на привлекување нови инвестиции, но и поддршка на локалните бизниси, рече Бејли.

Раскажувајќи ја приказната за успехот на компанијата, Бејли посочи дека тоа покажува дека треба да се оди напред, да креираме нова иднина за луѓето, да креираме нови работни места за вашите талентирани луѓе и да покажеме дека Македонија е посветена да продолжи да чекори на патот кон ЕУ со се што тоа вклучува, а САД се верен пријател и сопатник во тој процес за попросперитетна иднина.

Со денешното отворање на фабриката на „Адиент“ заживува технолошко-индустриската развојна зона Свидовица во Струмица која располага на 25 хектари.

– Компаниите кои работат во зоните бележат раст. Така до крајот на минатата година имавме 7.100 вработени, до сега 9 илјади, а очекуваме до крајот на 2017 да има над 10 илјади вработени. Во мај имавме рекорден извоз од зоните од 190 милиони евра. Ако продолжи овој тренд на зголемување од 15 проценти, до крајот на годината очекуваме извозот од зоните да учествува со 2 милијарди евра во вкупниот извоз на Република Македонија, рече Мизо.

Според Мизо, компанијата „Адиент“ во Струмица освен сегашните скоро 13 илајди квадрратни метри имала закупено 38.500 квадратни метри.

-Зоната во Струмица сега се приклучува кон функционалните технолошко-индустриски развојни зони, двете во Скопје, во Штип, во Тетово, Прилеп, Кичево и Струга. Освен овие 13 илјади квадратни метри, „Адиент“ има закупено 38.500 квадратни метри и постои можност за проширување на компанијата. Во неа веќе се вработени 820 лица, а до крајот на годината уште најмалку 400, рече Мизо, додавајќи дека градежните работи за надворешната и внатрешната инфраструктура на зоната со изведувачот „Жикол“ ќе бидат завршени во септември 2017.

Мизо изрази благодарност до Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина, Катастарот на РМ, Царинската управа, Министерството за внатрешни работи, на тимот на Дирекцијата на ТИРЗ и на членовите на претходната Влада кои, како што рече, макотрпно работеле на проектот.

– Овие активности со компанијата „Адиент“ која беше „Џонсон контрол“, за оваа дивизија, траат шест години, тука беше вклучена и претходната Влада, да им изразам благодарност на Никола Груевски, на Зоран Ставрески, Владимир Пешевски. Сигурен сум дека од страна на новата Влада ќе се најде поддршка не само за привлекување нови инвестиции, туку и создавање услови тие да бидат задоволни и да го прошируваат бизнисот, посочи Мизо.

Потпретседателот на операции Теплик, посочи дека станува збор за најголемата и најмодерна фабрика во регионот која се простира на површина од 12.500 квадратни метри, која е опремена со врвна технологија за навлаки за автомобилски седишта, првично наменети за европскиот пазар. „Гринфилд“ инвестицијата изнесува над 20 милиони американски долари, а ќе вработат повеќе од 1.300 лица.

– Пед една година ја најавивме изградбата на нашата нова фабрика, а денес стоиме пред неа – една од најголемите и најмодерни фабрики за производство на автомобилски компоненти во регионот. Оваа инвестиција е уште еден јасен доказ за нашите намери да инвстираме во македонската економија и претставува уште еден важен чекор кон проширување на нашата производна мрежа во Европа, што пак, дополнително ќе придонесе кон обезбедување на нашите клиенти, со диференцирани производи базирани на квалитет, технологија и перформанси, рече Теплик.

„Адиент“ има 230 погони во 33 земји од светот со над 75.000 вработени.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Германските стопанственици гледаат огромен потенцијал во Владата, очекуваат да се реализираат големи инвестиции

Мицкоски: Во периодот што следи работиме на три нови инвестиции

Влада: Инвестираме историски највисоки 250 милиони евра за капитални проекти во општините

(ВИДЕО) Мицкоски: Одвоивме 250 милиони евра за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините

Горан Наумовски

Мицкоски: Колку повеќе ќе биде успешна бизнис заедницата, толку ќе биде поуспешна и самата Влада

Се јави и трет за истата германска инвестиција: Не е ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ

Предраг Петровиќ