Во Македонија пристигна тимот од НОРМАК Инвестмен Груп, норвешка компанија која најверојатно ќе раководи со индустриската зона во Тетово по принципот на јавно приватно партнерство.
Како што беше речено на денешната прес-конференција во Стопанската комора на северозападна Македонија, се уште е рано да се каже какви проекти ќе бидат реализирани, но се очекува во зоната да дојдат големи странски производни компании. Најмалку една година ќе треба да се чека за старт на конкретна инвестиција зашто предвидените активности околу подготовките ќе потраат.
– Уште е рано да се соопштат детали како и во кој правец ќе се развива индустриската зона, но извесно е дека тука ќе дојдат големи странски фирми кои се занимаваат со производство. Ние веќе соработуваме со голем дел од нив и знаеме дека бараат добри услови. Тие ја гледаат Македонија како земја која тоа може да им го понуди, истакна Ерик Вел Ватме од „Иновација“ – Норвешка, државна компанија која реализира соработка со приватниот сектор.
Претставниците од НОРМАК изразија уверување дека напорите на македонската Влада за креирање поволна бизнис клима ќе ги зголеми странските вложувања. Тие ги повикаа своите членови да дојдат во Македонија.
Во индустриската зона Тетово веднаш ќе почнат подготовките во делот на инфраструктурата по што, најавија од норвешката компанија, ќе следува потпишувањето на договорите со заинтересираните вложувачи, разгледувањето на нивните бизнис-планови и обезбедувањето на потребните дозволи за градба.
– Македонија и Норвешка имаат многу заедничко, двете се релативно мали држави во кои приватниот сектор, мирко малите и средните претпријатија се основата на економијата, нагласи Вел Ватме.
„Иновација“ – Норвешка има претставништва во преку 30 земји. Македонија е одбрана меѓу новите демократии поради, како што беше потенцирано, исклучително поволните бизнис услови.