Од Меѓународниот аеродром Скопје попладнево се реализираше првиот директен лет до Мадрид. Авиокомпанијата „Виз ер“ со субвенции од Владата ќе лета на оваа релација трипати неделно секој вторник, петок и сабота.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави дека по воспоставувањето на директниот лет од Скопје до Мадрид и претходно до Барселона, ќе има уште дестинации од Шпанија. Од изборот на новата Влада минатата година до денес, како што рече, отворени се 21 нова директна авиолинија, а како резултат на промената во политиката за субвенционирање се зголемил бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром.
– Со директниот лет помеѓу Мадрид и Скопје се поврзуваат двата главни града на Македонија и Кралството Шпанија што е многу значајно за развој на туризмот, бизнисот, размената во делот на културата, нешто што навистина значи многу. Лани заедно со ТАВ направивме нова стратегија во начинот на субвенционирање, иновативна политика во субвенционирањето, со што субвенциите ги зголемивме двојно од претходно. За Скопје субвенцијата е 9 евра, а на Охридскиот 12 за патници во доаѓање, што значи дека стимулираме што повеќе патници да доаѓаат во Македонија. Како резултат на тоа денес гордо можам да споделам дека во периодот јануари – октомври годинава има раст од седум проценти на бројот на патници, на Скопскиот шест, а на Охридскиот за 17 проценти на бројот на патници, односно вкупно 2.862.677, што го надминува далеку бројот на жители во Македонија, рече Николоски.
Тој ги наброја воведените нови авиолинии, потенцирајќи дека ќе има уште дестинации до Шпанија и оти Барселона и Мадрид нема да се последни.
– Од Париз, Орли, се лета за Скопје, од Истанбул се лета за Охрид, од Дубаи ќе почне да се лета за Скопје оваа зима. Од Барселона од Лион, од Амстердам и од Љубљана исто така се лета за Скопје, тука се чартерите на Фрибрд ерлајнс коишто секој ден слетуваат на скопскиот аеродром, наскоро ќе бидат и по два дневно. До Охрид почна да се лета од Базел, Ларнака. Мадрид, Штутгарт, Париз, Стокхолм на главниот аеродром почнуваат овие денови. Ја отвораме Женева, како и Келн, Прага, а веќе од пролет Неапол, Будимпешта, Катовице и Вроцлав до Охрид и Милано исто така до Охрид. Вкупно 21 нова дестинација, 21 нова линија за зголемување на бројот на туристи и повеќе бизнис во Македонија, рече Николоски.
