Министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија Зоран Шапуриќ денеска имаше средба со амбасадорот на Чешката Република, Мирослав Томан и економското аташе Бохуслав Завадил.
На средбата, како што соопшти кабинетот на Шапуриќ, се разговарало за односите помеѓу двете земји, за соработката во областа на политиката, културата, образование и било констатирано дека има простор за зголемување и интензивирање на економска соработка.
Амбасадорот Томан го информирал министерот Шапуриќ дека чешките компании се заинтересирани за инвестиции во индустријата, изградба на прочистителни станици и обновлива енергија и дека веќе се отпочнати активности за зголемување на извозот на македонски земјоделски производи.
На средбата била потенцирана можноста за пласирање на електрични автобуси на македонскиот пазар, произведени во Чешка, а во чија изработка би биле вклучени македонски компании. Исто така, амбасадорот истакнал и дека во тек е склучување на меморандум за соработка помеѓу Скопје и Брно.
Министерот Шапуриќ ги претставил можностите и поволностите кои ги нуди Македонија за странските инвеститори, со цел нивно презентирање пред чешките компании што би довело до интензивирање на економската соработка помеѓу двете држави, и била иницирана можност за средба помеѓу стопанските комори на двете земји.
Претставниците од Чешката амбасада ги поздравиле напорите и активностите што ги преземаат Собранието и Владата на Република Македонија за придвижување на процесите за стекнување со полноправно членство во ЕУ и НАТО. Тие во оваа прилика понудиле и поддршка која во иднина ќе ни биде потребна заради искористување на средствата од европските фондови.