Македонија како земја што се наоѓа на крстосница во Југоисточна Европа е идеален производствен и дистрибутивен центар до европските пазари, како резултат на севкупните конкурентни производствени трошоци, даночните ослободувања и потпишаните договори за слободна трговија.
Тоа го истакна македонскиот министер за странски инвестиции Бил Павлески во обраќањето на пленарната сесија „Брзорастечки глобален синџир на вредности:Каде се вклопуваат економиите во развој?, во рамки на Глобалниот партнерски самит во Агра, Утар Прадеш, што се одржа во изминатите два дена.
Министерот Павлески говореше пред претставници на над 5.000 компании, порачувајќи им дека Македонија овозможува влез на пазар од повеќе од 650 милиони луѓе.
На маргините на самитот, соопшти владината прес-служба, Павлески се сретна со премиерот на Утар Прадеш, Шри Б. Л. Јоши и министерот за трговија, индустрија и текстил, Ананд Шарма. Притоа се истакнати добрите односи помеѓу Македонија и Индија, како и заемниот интерес за натамошно унапредување на економските односи и привлекување индиски инвестиции во Македонија.
Павлески, придружуван од директорите на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Висар Фида и Виктор Мизо, и економскиот промотор во Индија Тони Атанасовски, имаше и деловни средби со повеќе индиски компании од автомобилската и ИТ индустријата. Се сретна и со претседателот на индиската Асоцијација на производители на автомобилски компоненти во Њу Делхи, Арвин Капур, со претседателот на Бордот на директори и извршен директор на Инфосис Крис Гопалакришнан, поранешниот претседател на Конфедерацијата на индиската индустрија и претседател на Бордот на директори на НИКО финансиски системи Рајиве Каул, претседателот на Бордот на директори на Годреј груп и претседател на Бордот на директори на Конфедерацијата на индиската индустрија Ади Годреј и со поранешниот претседател на Конфедерацијата на индиската индустрија и директор на ТФР Лтд Субод Баргава.
Годинашниот Глобален партнерски самит се одржа во организација на Министерството за трговија и индустрија, Владата на Индија и Конфедерацијата на индиската индустрија. Се дискутираше за неколку клучни прашања, меѓу кои враќање на макроекономската стабилност преку обезбедување фискална дисциплина, финансиска стабилност и поттикнување развој и раст преку создавање подобра конкурентска основа за инвестиции во образованието, технологијата и иновациите.
ФОТО: МИА