Лидерите на земјите од Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) ја соопштија својата намера да ги укинат постојните протекционистички мерки, кои ја отежнуваат трговијата.
Ова се посочува во завршната декларација на самитот на 21 земја, меѓу кои се Кина, САД, Јапонија, Австралија, Русија и Индонезија, што изминатите два дена се оддржа на индонезискиот остров Бали.
„Ја декларираме својата поддршка за борбата со протекционизмот, што може да ја ослабне трговијата и да го забави обновувањето на светската економија“, се посочува во документот.
До крајот на 2016 година ги продолжуваме своите обврски за мораториум врз дополнителните бариери во трговијата и ја потврдуваме својата намера за укинување на постојните протекционистички мерки што ја отежнуваат трговијата, се наведува уште во завршната декларација од самитот.
Лидерите на земјите од АПЕК, исто така, признаа дека повеќестраните трговски преговори од Доха се во ќорсокак. „Сега ни останува последната можност да го обновиме преговарачкиот процес во Светската трговска организација (СТО)“, се посочува во документот.