Непристапното работно место, предрасудите, немање можност за прилагодување на постоечките искуства на пазарот на трудот,… се постојаните проблеми со кои се соочуваат лицата со хендикеп.
Ова денеска беше констатирано на Конференцијата насловена „Социјално претприемништво како пат до вработување на лицата со посебни потреби“ во организација на Полио Плус и Здружението ЛИНК од Мостар.
Елена Кочовска од Полио Плус појасни дека ова е продолжување на активноста за унапредување на положбата на лицата со хендикеп во пазарот на трудот која е пддржана од ЕУ и Министерството за финансии.
– Во следниве пет дена ќе имаме работилници коишто ќе бидат наменети за две целни групи. Едната е за лицата со хендикеп, а другата е за различни профили експерти коишто веќе се вклучени во системот на државата. Целта е да се изградат нови профили коишто ќе работат на зајакнување на професионалната адаптација и активно вклучување на лицата со хендикеп во пазарот на трудот, истакна Кочовска.
Социјалниот работник Јадранка Брлечиќ од Хрватска рече дека сите луѓе со инвалидитет ја делат истата судбина, односно дека не се видливи за институциите и не се прифатени на начин како што заслужуваат во делот на вработувањето на отворениот пазар на трудот.
– Овие проекти, како што е денешниов, е одлична можност да се направи еден чекор напред преку кој овие лица ќе ги остварат своите цели. На работилниците ќе се изврши обука во која 12 експерти ќе изработат професионални планови преку кои ќе се создаде структура која понатаму треба да се развива во Македонија, појасни Брлечиќ.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски рече дека Агенцијата издвојува доволно средства за сите компании или за лицата со хендикеп за самовработување.
– Преку неколку мерки успеваме да ги мотивираме компаниите, а и самите лица да отворат сопствена фирма. Компаниите ги мотивираме преку тоа што при вработување лице со хендикеп можат да добијат ослободување од социјалните придонеси, потоа по изминување на девет месеци и исплатена плата и придонеси зависно од инвалидитетот на лицето можат да добијат од 20 до 40 просечни плати по лице. Доколку лицето се наоѓа во количка или пак има 90 проценти слепост ќе добие 40 просечни плати што сега иснесува околу 900 илјади денари или пак доколку лицето не е во количка и е под 90 проценти слепост ќе добие 20 просечни плати односно 450.000 денари, појасни Поповски.
Додаде дека дополнително компанијата која вработила лице со посебни потреби може да добие средства за адаптација на работен простор во износ од 100.000 денари.
Поповски информира дека при крај е подготовката за законска измена со која се предвидува задолжително вработување на лица со хендикеп во компанија на одреден број вработени да се вработи лице со посебни потреби.
За искуството во вработување лица со посебни потреби во Италија говореше Џовани Гравина кој рече дека во италијанското законодавство кога станува збор за вработување на такви лица постои обврска на компаниите на секои 15 вработени, 16-тото лице да биде лице со хендикап. Она што е обврзувачко, рече тој, е пристапот до работното место за лицата со хендикеп и нема ограничување на бројот на врабортени лица со посебни потреби.
Работилниците се организира во рамките на проектот „Пилот акција за пристап кон правата на работа на лицата со хендикеп“ кои имаат цел да ги подобри условите за живот и еднаква интеграција на лицата со хендикеп преку вработување.