Турски и меѓународни компании кои работат во индустриската зона Кочаели ќе ја посетат Македонија за да се запознаат со условите што ги нуди земјава за инвестирање.
Ова е договорено на средба на министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески во индустриската зона Кочаели, во Турција во која се лоцирани околу 4.000 компании, од кои 250 се познати светски брендови. Со цел проширување и зајакнување на воспоставената соработка, договорено е и организирање бизнис форум во Кочаели.
Како што соопшти Кабинетот на министерот, Павлески ги претстави можностите за инвестирање во Македонија и на 16. Евроазиски економски самит, кој се одржува во Истанбул, Турција, како главен излагач на економскиот панел во обраќањето пред повеќе од 500 компании.
– Македонија како мала земја со растечка економија, која се наоѓа на крстосницата во Југоисточна Европа, претставува идеален производствен и дистрибутивен центар до европските пазари, порача министерот за странски инвестиции.
Во излагањето на самитот тој истакна дека ваквите можности, пред се, произлегуваат од конкурентните производствени трошоци и атрактивноста на даночниот систем што ги нуди Македонија, како и потпишаните договори за слободна трговија кои на интернационалните компании им овозможуваат влез на пазар од повеќе од 650 милиони луѓе.
Исто така, во своето излагање Павлески ги потенцираше локациските, транспортните и логистичките предности што македонската економија им ги нуди на потенцијалните инвеститори.
Евроазискиот економски самит се одржува традиционално секоја година и е во организација на Фондацијата Мармара. Самитот претставува одлична можност да се разговара на актуелни теми од областа на економијата, енергетиката, информатичката технологија, образованието и здравствената заштита, како и да се откријат нови можности за соработка на земјите во регионот, но и да се сретнат нови потенцијални инвеститори.
На маргините на настанот, кој се одржува од 9 до 11 април, министерот Павлески се сретна со повеќе турски компании со кои се водат преговори за влез на македонскиот пазар, како и со компаниите кои веќе донесоа одлука да инвестираат во нашата земја.