Владата ќе им покрие 70 проценти од трошоците за развој на македонските мали и средни претпријатија кои ќе развијат производи за странските директни инвеститори присутни во земјава и ќе им врати 30 отсто од средствата инвестирани во основни средства и хали доколку се брзорастечки, порача вицепремерот за економски рашања Кочо Анѓушев на тркалезната маса во Стопанската комора на Македонија за подобрување на соработката на странските инвеститори и локалните добавувачи.
Тој истакна дека во моментов соработката помеѓу странските директни инвеститори и македонските компании е мала и додаде дека странсктие инвеститори од домашните компании набавуваат помалку од еден процент од репроматаријалите кои ги користат и тоа воглавно комунални услуги. Посочи дека во земјава голем број од странските компании се добавувачи на големите автомобилски компании и за да вклучат било каква измена во своите производи треба да бараат одобрување од своите крајни корисници. Единствено Ванхол, како што кажа, има поголем процент на соработка со домашните добавувачи бидејќи произведува спостен готов производ.
– Заедно со Советот на странски инвеститори и Машинскиот факултет ќе работиме посветено на тоа овој процент да го зголемиме колку што е возможно. Како Влада ќе стимулираме да доаѓаат странски инвеститори кои произведуваат финални производи во земјава и тоа не само во делот на машинската и автомобилската индустрија, туку и во преработка на храна. Во третиот столб на Планот за економски раст преку Фондот за иновации и технолошки развој ќе се нудат голем број на мерки кои се стимулативни за македонските компании да ги пораснат своите капацитет за да може да соработуваат со странските инвеститори, рече Анѓушев.
Претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер посочи дека ја поддржуваат транспарентноста и подеднаквата поддршка на домашните и странските компании во Планот за еконмски раст.
– Домашните компании треба да ја слушаат побарувачката од страна на странските компании, а не само да нудат нешто на пазарот. Треба да стапат во контакт со странските инвеститори да видат што се бара на пазарот и да ги задоволат нивните потреби, рече Штефан и додаде дека поминаа врамињата кога нешто се произведуваше, а потоа се бараше пазар каде ќе се продава.
Веќе има многу примери на домашни компании, нагласи, кои успешно соработуваат со странските инветитори, но со проектот и со поддршката од Владата тоа може да се зголеми.
Професорот Роберт Миновски од Машинскиот факултет во Скопје потенцирадека постои голем простор за унапредување на одредни субјективни фактори кои се однесуваат на перформансите и работењето на домашните компании, особено од аспект на нивната продуктивност, ефикасност, рокови на испорака и квалитет на испорачани производи.
– Проектот што ќе го спроведат Советот на странски инвеститори и Стопанската комора заедно со Машинскиот факултет има интенција да се фокусира токму во тој дел за да ја унапреди соработката помеѓу нашите и странските фирми. Една од неговите специфики е што се предвидени долгорочни проекти во времетраење од шест месеци до една година со кои интензивно ќе се работи на конкретни проблеми во реалната индустрија и во реалните производствени процеси со цел домашните компании на крајот од процесот да бидат на повисоко ниво на нивната компетитивност и да можат да остварат полесна соработка и со странските директни инвестициии, но и со останатите фирми во светот, рече Миновски.