Јордански бизнисмени се заинтересирани за соработка со македонски компании од земјоделството,
На денешната средба раководствата на Сојузот на стопански комори на Македонија и на Стопанската комора на Јордан потпишаа меморандум за соработка во насока на нејзино интензивирање.
– Ние не сме традиционални трговски партнери што го покажуваат и бројките. Во зависност од година во година надворешно-трговската размена е меѓу 250 до 300 илјади американски долари што е многу малку и таа треба да се зголеми, изјави извршниот директор на ССК, Митко Алексов по потпишувањето на меморандумот.
Според него, македонските компании треба повеќе да работат на запознавањето на можностите и на пробивањето на јорданскиот пазар.
За Јорданците интересен е ИКТ секторот за кој географската дистанца не претставува никаков проблем, а во делот на градежништвото бизнисмените ќе ги разгледуваат опциите за заеднички настап на трети пазари.
Заменик претседателот на Стопанската комора на Јордан, Иса Мусад смета дека има многу потенцијал за соработка меѓу двете држави.
– Јорданските компании имаат интерес за соработка и инвестиции. Се надевам дека ќе има и македонски инвеститори за Јордан. Во двете земји има многу компатибилни сектори и се надевам дека ќе имаме почести средби, истакна Мусад.
Македонија има суфицит во извозот со Јордан. Околу 50 проценти од нашиот извоз кон Јордан се делови од автомобилската индустрија.