Светски познатиот бренд „Хилтон“ денеска го официјализира влезот во Македонија со потпишување договор за франшиза со „Стоун бриџ хотел“ чиј сопственик Ајдован Адемовски ќе гради елитен хотел Double Tree by Hilton во општина Аеродром.
Инвестицијата во изградбата на хотелот, лоциран покрај кејот на реката Вардар во близина на мостот „Близнак“, изнесува 30 милиони евра. Хотелскиот објект, според најавите, ќе се простира на површина од околу 25.000 метри квадратни и ќе содржи 170 соби, четири конференциски сали, спа-центар, бизнис центар и центар за здравје и голем број други содржини.
Премиерот Никола Груевски на свеченоста за изградбата на хотелот во присуство на инвеститорот Адемовски, претставници на Групацијата „Хилтон“, на амбасадите на САД и на Турција, и голем број бизнисмени истакна дека бројните содржини на елитниот хотел ќе дадат нов квалитет на овој бизнис во Македонија.
– Хотелот, како што ми беше пренесено, се планира да биде завршен наесен следната година кога Скопје гордо ќе се приклучи кон ланецот градови кои го имаат овој познат светски бренд на хотели, рече Груевски.
Хотелите „Хилтон“, посочи, се една од водечките компании во областа на хотелиерството со повеќе од 540 хотели во 78 земји од светот. – Токму затоа брендот „Хилтон“ ќе биде од големо значење за поддршка на туризмот во Скопје и Македонија. Покрај туризмот, свој бенефит од изградбата на хотелот ќе има и градежната индустрија. На изградбата на хотелот ќе работат голем број градежни работници, а индиректно ќе бидат поврзани и многу други фирми од Македонија. По завршување на изградбата на хотелот во него ќе се отворат и над 100 работни места што и дава дополнителна вредност на оваа инвестиција, наведе премиерот Груевски.
Според него, доаѓањето на брендот „Хилтон“ е уште една потврда дека политиките што ги промовира Владата за привлекување инвестиции во Македонија даваат резултати.
– Верувам дека бренодт „Хилтон“ ќе привлече многу други инвеститори кои се занимаваат со хотелиерство и имаат интерес за отворање нови хотелски капацитети. Република Македонија има голем потенцијал во областа на туризмот. Тоа е сектор во кој очекуваме голем развој и многу инвестиции во иднина. Како Влада и понатаму ќе останеме посветени на промоција на земјата, како привлечна туристичка и бизнис дестинација и секако ќе останеме сигурен партнер на секој инвеститор кој сака да вложи капитал во која било област, наведе Груевски, посакувајќи успешна и навремена реализација на проектот.
Инвеститорот Адемовски нагласи дека е горд што со поддршка на Владата успеале да го донесат „Хилтон“ во Македонија со што ќе се збогати понудата за сместување во Скопје.
– Хотелот Double Tree by Hilton ќе има 170 соби, четири конференциски сали, голема банкет сала, спа-центар од од околу 2.000 метри квадратни, кафе-барови и други содржини што ќе го красат еден од најпрестижните хотели во Македонија. Ќе добиеме персонал што ќе биде едуциран според стандардите на „Хилтон“ на светско ниво и се надевам дека ќе биде гордост на цела Македонија. Горди сме што успеавме со поддршка на Владата да го донесеме токму тука „Хилтон“, рече Адамовски.
Потпретседателот за развој на „Хилтон“ Урлих Видмер рече дека ќе обезбедат услуги од светски ранг во нивниот прв хотел во Македонија, во која наишле на професионалци од сите области што ќе помогнат во реализација на проектот.
– Сметаме дека овој бренд е сосема соодветен за Македонија и се совпаѓа со неа и нуди извонредни капацитети за граѓаните и на земјата, извонреден капацитет на бањи и многу удобни спални соби. Имаме голема верба во иднината на Македонија и го очекуваме развојот во следните неколку години. Сигурни сме дека „Хилтон даблју три“ ќе биде успешен и ве уверуваме дека и натаму ќе продолжиме со нашата поддршка, рече Видмер.
Новата инвестиција во Македонија ја поздрави и вршителот на должноста заменик амабасадор на САД во Македонија Метју Ендрју, истакнувајќи оти одлуката на „Хилтон“ да отвори хотел е еден од последните примери дека Македонија е извонредно место каде може да се води бизнис.
– Имаме видено многу примери дека Македонија може да биде конкурентна на глобално ниво дури и во овие тешки економски времиња. Се поголемиот број американски фирми кои решаваат да инвестираат и работата тука е вистинско сведоштво за конкурентноста на Македонија, рече Ендрју.
„Хилтон“ е водечка глобална услужна компанија во секторот сместување, од луксузни хотели со целосна услуга и одморалишта, до објекти за продолжени престои и хотели со пониски цени. Брендовите на Хилтон се вклучени во повеќе од 3.900 хотели и објекти, со 650.000 соби во 90 држави. Покрај Double Tree by Hilton тука се вклучени Waldorf Astoria Hotels& Respоrts, Conrad Hotels & Resorts, Hilton Hotels & Resorts, Embassy Suites Hotels, Hilton garden Inn, Hampton Hotels, Homewood Suites by Hilton, Home 2 Suites by Hilton и Hilton Grand Vacations. Компанијата исто така ја менаџира првокласната програма за редовни гости Hilton HHonors.