Македонија може да претставува извонредна порта на кинеските компании кои сакаат да произведуваат и продаваат на европскиот пазар, истакна премиерот Никола Груевски во обраќањето на Конференцијата организирана од Секретаријатот за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, што се одржа во Чонгкинг.
Се работи за иницијатива поттикната од кинеската Влада, а организирана од кинеското Министерството за надворешни работи и локалната самоуправа на Чонгкинг чија цел е интензивирање на економската и политичката соработка на НР Кина со земјите од Централна и Источна Европа што претставува стратешка определба на кинеската држава.
На конференцијата учествуваат претставници од 16 региони, градоначалници и лидери, меѓу кои и романскиот премиер, Виктор Понта и градоначалникот на Чонгкинг, Нуанг Кифан, кинескиот заменик министер за надворешни работи, Сонг Таом и други.
Македонскиот премиер во обраќањето го истакна импресивниот економски раст на Кина како една од движечките сили на глобалниот раст, кој претставува развоен модел базиран на цврсти и обмислени темели и може да се користи за економски развој и во други земји.
Истакна дека одличните кинеско – македонски политички и економски односи бележат значителен напредок на различни полиња.
– Двете земји се посветени на промовирање на инвестициите во инфраструктурата, земјоделието, образованието и туризмот, како нови области за раст на билатералната соработка. Постојат и многу други развојни можности, создадени преку постојаното унапредување на деловното окружување, рече Груевски.
Тој посочи дека Владата на Македонија воведе посебни поволности за инвестирање во технолошко-индустриските развојни зони, каде што постои 10- годишно ослободување од данокот на доход и персоналниот данок, а производите кои се користат од увоз за продукти кои се прават во зоните и кои се извезуваат, не подлежат на царина ниту на ДДВ.
– Поради големиот интерес од страна на странските инвеститори, се отвораат уште десетина развојни зони низ целата држава. Тие нудат многу поволни услови кои се одлично прифатени од страна на мултинационалните компании, изјави Груевски во обраќањето.
Премиерот потенцира дека десетици интернационални компании од Европа, САД и Русија веќе инвестираа во изминатите години во Македонија, и посочи дека е значајно што и кинески, индиски и катарски компании изразуваат многу сериозен интерес за лоцирање на нивните производствени капацитети во Македонија.
– Македонија се наоѓа меѓу најреформски ориентираните земји според Извештајот на Светска банка „Дуинг бизнис“ и тоа веќе неколку години по ред. Македонија сега се наоѓа на 23. позиција и е повисоко рангирана во однос на леснотијата за водење бизнис од која било земја од Централна, Источна и Југоисточна Европа и се наоѓа пред 20 од 28 земји членки на ЕУ“, изјави Груевски.
Производството на кинеските компании, како што додаде, ќе биде со најниски даноци, и преку договорите за слободна трговија кои ги имаме потпишано со сите земји на континентот Европа, ќе имаат пристап до 660 милионски пазар во Европа без никакви дополнителни давачки, ќе имаат пристап и до образована работна сила која ќе придонесува во продуктивноста и ефикасноста и која се ангажира за оптимални и не високи трошоци и ќе можат да водат доходовен бизнис.
Претседателот на македонската Влада нагласи дека соработката на полето на инвестициите и кинеската финансиска поддршка на развојот на Европа ќе придонесе и за креирање на продлабочени и конструктивни односи помеѓу граѓаните и ќе обезбедуваат подобри услови за живот и поконкурентни услови за економски раст и напредок.
– Тоа е пораката која сакаме да ја пратиме одовде, за посреќни граѓани, за блискост помеѓу народите и државите, додаде Груевски.
Чонгкинг е еден од најразвиените економски, трговски и индустриски центри во НР Кина со вкупна површина од 82 илјади километри квадратни и популација од 33.400.000 жители. Чонгкинг оствари БДП во 2012 година кој е втор по успех во цела Кина.