Дали зад дел од еколошките иницијативи стојат вистински аргументи или лични интереси, оваа дилема за отвора рударскиот инженер и колумнист, Виктор Грозданов во својата последна колумна.
„Дали постојат вистински љубители на животната средина? Апсолутно ДА“, пишува Грозданов, додавајќи дека и институциите имаат обврска и капацитет да реагираат: „Дали државата е спремна да ги спречи сите аномалии кои се појавуваат со загадување на животната средина? Апсолутно ДА.“
Но, веднаш потоа следува критика кон дел од активистите, кои, според него, „се претставуваат како ‘еколози’“, без да понудат конкретни докази. Во случајот со Цементара Скопје, авторот тврди дека јавноста не добила научно аргументирана анализа, туку само општи квалификации.
„Наместо да се разработи целосна документација… ние имаме само ФЛОСКУЛИ“, наведува тој, посочувајќи дека сериозната расправа мора да се базира на проверливи податоци – од типот на увезено гориво, преку технологијата на согорување, до системите за филтрација.
Грозданов ја критикува и иницијативата за дислокација на индустриски комплекс од Скопје. Авторот пресметува дека таквата мерка би ги чинела граѓаните „меѓу 150 до 200 милиони евра“, со дополнителни последици врз цените во градежниот сектор.
Во фокусот се и законските измени, конкретно член 20 од Законот за животна средина, кој предвидува ограничувања за нови или реконструирани капацитети од категоријата Г1 на одредено растојание од населени места. Авторот предупредува дека одредбата опфаќа и прехранбена и фармацевтска индустрија, прашувајќи се дали јавноста е свесна за пошироките импликации.
„Имам право да размислувам. Нели јас сум платеник“, иронично забележува Грозданов, алудирајќи на етикетирањата во јавниот простор.
Текстот го завршува со силна порака: „Имам намера да им се спротивставам на оние кои сакаат да бидат ‘Екологисти’ од лукративни причини…“ и јасно дефинирана визија – „лобирам за индустријализација со почеток од рударството како фундамент.“
Колумната отвора прашање кое останува да се дискутира: дали Македонија може истовремено да биде индустриски развиена и еколошки одговорна – или јавната дебата ќе продолжи да се движи меѓу апсолутните „ДА“ и апсолутните „НЕ“?
