Федерацијата на фармерите на Република Македонија (ФФРМ) апелира до надлежните институции да најдат начин за исплата на субвенциите за 2016 година и за реално и навремено обесштетување на штетите од пролетниот мраз, како и да се направи календар за исплата на субвенциите.
– Со политичката криза работите тргнаа во несакан правец и субвенциите кои земјоделците долго време ги очекуваат се уште не се исплатени. Затоа апелираме до институциите на системот и до Владата да смогнат сили и да изнајдат соодветни решенија да се исплатат субвенциите за да можат земјоделците и фармерите да планираат што и на кој начин ќе засадат за наредната година, изјави претседателот на ФФРМ Никола Стаменов на маргините на Годишното собрание на Федерацијата на кое беа анализирани досегашните активности зацртани во Стратегијата на ФФРМ.
Посочи дека е неопходно да се направи календар за исплата на субвенциите за да можат земјоделците да се чувствуваат сигурно и точно да знаат кога ќе им се исплатат средствата.
– На сите наши средби со институциите посочуваме дека е повеќе од потребно да се направи календар на исплата на субвенциите. Ако имаме таков календар тогаш нашиот земјоделец ќе биде покомотен и ќе размислува во иднина што, како и на кој начин да засади, потенцира претседателот на ФФРМ.
Стаменов очекува да бидат повисоки цените на јаболката, грозјето и младиот компир поради штетата што ја предизвика пролетниот мраз кај овошките во Преспа, лозјата во Тиквешијата и кај градинарските култури во Струмичко.
– Апелираме до комисиите да излезат на лице место и да направат проценка на штетите и во најбрз можен рок да се изнајде начин да се изврши целосна, навремена и реална исплата на парите кои ги очекуваат земјоделците, посочи Стаменов.
Тој им препорачува на земјоделците да го осигуруваат својот посев поради климатските промени што ја зафаќаат земјава и непредвидливоста на временските прилики, но смета дека старите навики тешко се менуваат.
– Секогаш на нашите средби потенцираме и иницираме земјоделците да вршат осигурување на поседите, бидејќи само на тој начин постои некоја гаранција дека ако не целосно, барем делумно нешто ќе им се врати од направените штети. Но, навиките тешко се менуваат кај земјоделците, а можеби и поради нивната мала финансиска моќ не се во состојба да ги осигураат поседите, рече Стаменов.
Најави дека од банките ќе побараат да им овозможат на земјоделците преку евтини кредитни линии да набават заштитни мрежи пред летниот период за да може да ги заштитат своите поседи од град.