Комисијата за хартии од вредност (КХВ) им изрече јавна опомена на брокерската куќа „Еурохаус“ АД Скопје и на нејзиниот директор поради непочитување на Законот за хартии од вредност.
При извршена редовна и непосредна контрола врз целокупното работење, Комисијата утврдила дека брокерската куќа не извршила налог на клиент за купување хартии од вредност во согласност со приоритетот во книгата на налози.
Налогот даден од клиент, брокерската куќа не го внела во Бест системот за тргување со што не создала можност да се изврши согласно редоследот по кој бил примен и запишан во книгата на налози. Оттука, клиентот на брокерската куќа воопшто и не добил можност неговиот налог да се реализира, со што е оштетен.
Со ваквото однесување, како што соопшти КХВ, „Еурохаус“ го прекршла членот 122 од Законот за хартии од вредност.