Скопски саем и меѓународната групација Три Гранит за три до четири години ќе го реализираат проектот ЕРА Сити, чија вредност се проценува на 130 милиони евра.
Ова го најавија на денешната прес-конференција претседателот на Управата на групацијата ЕРА Гвидо Омладич и извршниот директор на ТриГранит Арпад Торок.
– Договорот е заеднички да го реализираме проектот. Во изминатите години поради кризата беше успорен проектот, но ние вложивме 8,5 милиони евра во инфраструктура која претставува подготовка за полесна реализација на проектот, рече Омладич истакнувајќи дека очекува проектот да биде поддржан од банки и фондови.
Главниот мотив да се реализира овој проект, Омладич, потенцира дека е да се дадат сите потребни содржини на она што досега се реализира на Скопски саем, а тоа се над 200 случувања во годината.
Торок потенцира дека Групацијата ќе може да го пренесе искуството во градењето што го има во реализација на проекти 10 земји. Вредноста на проектите што ги има реализирано се 2,5 милијарди евра.
– За нас ова е предизвик бидејќи прв пат станува збор за проект каде може да го пренесеме нашето искуство и знаење од другите земји каде сме активни, изјави Торок.
ЕРА Сити, како што посочија на прес-конференцијата, ќе биде еден од најголемите комплекси во Југоисточна Европа. Ќе содржи деловен центар, шопинг центар, деловни објекти, хотел, катна гаража, забавен центар и се што е потребно за еден ваков комплекс.
Договорот за соработка двете компании го потпишаа на 11 февруари оваа година. Покрај реализацијата на новиот проект корпорацијата ТриГранит ќе биде вклучена во реализација на настаните на Скопски саем и Метрополис Арена како повеќенаменска мултифункционална изложбена хала.
Три Гранит е едно од најголемите претпријатија кое се занимава со развој на недвижности во Европа, како и со инвестиции, развој и управување со недвижности. Работи во седум држави во Средна и Југоисточна Европа и има големо портфолио на довршени атрактивни недвижности, бројни подготвени проекти за повеќенаменска цел, како и со многуте инвестиции во јавно-приватно партнерство.