Традиционално, и годинава Сојузот на стопанските комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија, Стопанската комора на северозападна Македонија, Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење ја доделија престижната награда „Претприемач на годината“ за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во Република Македонија.
Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Бардул Шабани, менаџер на компанијата Линк шпед од Тетово, а втората на Томи Запров, менаџер на компанијата Силотер од Струмица.
Првата награда во категоријата микропретпријатија му е доделена на Жарко Димитриоски, менаџер на компанијата Еден на еден од Скопје, а втората на Борче Николов, менаџер на компанијата Аерус од Пробиштип.
Во двете категории, наградените претприемачи добија статуетки и вредносни ваучери.
Наградите ги доделија претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Данела Арсовска, потпретседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Нагип Фејзи, извршниот директор на Македонската развојна фондација на претпријатијата, Тетјана Лазаревска, како и проф. д-р Радмил Поленаковиќ од Националниот центар за развој на иновациите и претприемачко учење.
Наградата се доделува по 11-ти пат, а целта е да се поттикне претприемачкиот дух во земјата, преку промоција на успешни примери. Спонзор на настанот е Штедилница Можности.
Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2017“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на Република Македонија. Имено, 57 микро и мали претпријатија, во периодот од 2014 до 2016 година, имаат реализирано континуиран раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции. Крајниот избор вклучи претприемачи кои изразија интерес за доставување податоци преку прашалник, посета на терен, анализа и бодирање, согласно однапред утврдени критериуми (посветеност на сопствена обука и обука на неговите вработени, маркетинг и стратегија на раст, инвестиции во истражување, развој и иновации и др.) и кои беа избрани за најдобри.