Во Основниот суд Скопје 1 денес се одржа подготвително рочиште во врска со обвинителниот акт поднесен против неколкумина членови на раководството на Скопски пазар, меѓу кои и првиот човек на фирмата, Сашо Давитковски.
Според информации од Судот, за една до две недели ќе биде изготвено решението со кое ќе се знае дали актот ќе стане правосилен и дали потоа ќе следува судски процес за обвинувањето за милионски криминал со акции на компанијата.
Два часа во судница Јавното обвинителство изнесувало докази со кои го поткрепува обвинителниот акт, а обвинетите и адвокатите изнеле своја одбрана и свои докази. Сега Советот на судот, по спротивставените аргументи, ќе оцени дали Јавното обвинителство има издржан акт.
Како што медиумите веќе известија, повикувајќи се на јавно објавени документи на компанијата, Скопски пазар во 2007 потрошил значаен износ на парични средства за откуп на сопствени акции, за непосредно по нивното купување – да ги повлече.
Собранието на акционери на Скопски пазар на иницијатива и со поддршка на раководството на компанијата во два наврати во периодот 2006-2007 година повлекло вкупно 14.522 сопствени акции, кои што самата компанија претходно ги купила на пазарот за повеќе од 85 милиони денари, или близу 1.5 милион евра.
Ова планско купување сопствени акции со единствена цел да се повлечат, според експертите, е дискутабилен потег на раководството на Скопски пазар, за кој нема економска оправданост. Документите откриваат дека ова всушност била повеќегодишна пракса во СП – директорите да предлагаат трошење на пари на фирмата за купување сопствени акции кои веднаш се повлекуваат, а главна последица на ваквите потези е зголемување на влогот на раководството во сопственоста на компанијата.
Според упатените во работата на Скопски пазар, тешката состојба во компанијата денес е резултат на ваквите и слични потези на раководството во минатото. Скопски пазар изминативе месеци беше актуелен во јавноста откако стана јасно дека компанијата има потешкотиите да обезбеди плата за вработените, а директорите продадоа или издадоа десетици атрактивни недвижности на компанијата за да ги отплаќаат милионските долгови.