Цените на суровата нафта од Западен Тексас (WTI) во САД малку се зголемија на околу 67,1 долари за барел, по неделниот пад од 1,6 проценти, бидејќи пазарите ги мерea геополитичките ризици и трговската неизвесност. Фокусот на пазарот остана на трговските преговори меѓу Соединетите Американски Држави и Европската Унија пред потенцијалното воведување на американски тарифи за увоз од ЕУ почнувајќи од 1 август, додека Брисел го зголеми притисокот врз Русија со својот 18-ти пакет санкции, објави Trading Economics.
Новите мерки вклучуваат пониска граница на цената на руската сурова нафта, проследена со ограничувања за рафинирани горива и забрана за голема индиска рафинерија што користи руска нафта. Кина се спротивстави на санкциите на ЕУ насочени кон нејзините банки и фирми, ветувајќи дека ќе ги заштити своите интереси.
Во меѓувреме, Иран ќе одржи разговори за својата нуклеарна програма со земјите од ЕУ овој петок, поради заканите за обновување на меѓународните санкции против Техеран.
Зголемувањето на производството на нафта во земјите од Блискиот Исток и стравувањата дека тарифите би можеле да ја намалат глобалната побарувачка, исто така, ги држеа цените на нафтата под контрола.
Според податоците од компанијата „Бејкер Хјуз“, бројот на нафтени платформи во САД се намалил на 422 – најниско ниво од септември 2021 година, што укажува на одредено ограничување во активностите за дупчење нафта, пренесува „Танјуг“.