Социјалните мрежи во Босна и Херцеговина, по успешната граѓанска акција во Хрватска, шират повици за бојкот на продавници, бензински пумпи, кафулиња и ресторани во петок, 31 јануари 2025 година, како израз на незадоволство од високите цени и нискиот животен стандард.
Иницијаторите на акцијата ги повикуваат граѓаните да не купуваат ништо тој ден, однапред да ги обезбедат потребните намирници, да готват дома и да избегнуваат консумирање во угостителските објекти.
– Ова е начин да се покаже незадоволство од поскапувањето на храната и енергенсите, додека платите на граѓаните останаа ниски. Еден ден бојкот може да испрати силна порака – се вели во една од пораките споделена на социјалните мрежи.
Граѓаните на интернет форумите истакнуваат дека цените на храната во БиХ се повисоки отколку во некои развиени земји како Германија.
Според Адис Кеча, претставник на Сојузот на независни синдикати на Босна и Херцеговина, ваквите постапки укажуваат на сериозни социо-економски проблеми во земјата.
Тој предупредува дека профитот на работодавачите се зголемува, а платите на работниците кои не се доволни за покривање на основните животни трошоци остануваат исти.
Иницијаторите на бојкотот потенцираат дека целта на акцијата е да се изврши притисок врз властите и работодавачите да преземат конкретни мерки за намалување на инфлацијата, зголемување на минималната плата и подобрување на севкупниот животен стандард на граѓаните.
Властите во Босна и Херцеговина постојано воведуваат замрзнување на цените за најважните прехранбени производи.