„Втора шанса“ – женски филм за личните избори и одлуки

Од:

Филмот „Втора шанса“ – прв долгометражен филм на режисерката Марија Џиџева синоќа премиерно беше прикажан во кино „Милениум“ и го отвори 22. Скопски филмски фестивал. Оваа македонско-српска копродукција што почна да се снима во 2016 година е психолошка драма на три жени соочени секоја со лична борба да го најде излезот, а амбиентот во кој се сместени приказните е конфликтот во 2001 година.

Режисерката Џиџева, која досега ни е позната по голем број и често наградувани документарни и кратки филмови, на прес-конференција денеска рече дека по синоќешната премиера има чувство дека овој „женски“ филм особено ќе комуницира со женскиот дел од публиката.

-Приказната е секојдневна и современа, ставена е во историски рамки, но функционира и денес, рече Џиџева за филмот за кој сценариото го напиша Огнен Георгиевски.

Според продуцентот Светозар Ристовски, вакви женски приказни не се среќаваат во македонската кинематографија.

–Одлична, минималистичка приказна и зрела тема, рече Ристовски.

„Втора шанса“ е филм за три жени од 30, 40 и 50 години – Сандра, Елеонора и Ангелина, кои живеат во иста зграда, а не комуницираат и чии животни приказни се испреплетувааат, доловувајќи различни перспективи на жени и мајки, но и за себесоочувања со најинтимните моменти на одлуки.

Актерката Мирјана Карановиќ рече дека допирни точки на трите нив, кои имаат различни приказни и судбини, се лифтот и болницата, а заедничко им е прашањето: Како да се оди понатаму? Таа игра лик (Ангелина) на потисната, безгласна жена во семејството, која не зборува за проблемите туку ги чува во себе.

-И кога го поддржува синот, тоа го прави насамо, кога е со него, а не јавно. Тоа е затоа што живееме на простори каде што да се зборува отворено е слабост. Тоа се случува на Балканот, но и во други делови од светот кои повеќе поминувале во војни и беда наместо долги периоди на мир и благосостојба. Тоа се пренело и на воспитувањето – молчи и ништо не прашувај. Кај нас е всадено сѐ да се држи во себе, рече познатата српска актерка.

Сепак, додаде, самата сцена во која Ангелина е прикажана на клупа на железничка станица, без билет и без куфер, иако не гледаме дека заминува некаде, веќе има значење на одлука да се направи поинаков чекор.

– Со таквиот недефиниран крај, приказната останува отворена, додаде Карановиќ.

Актерката Наталија Теодосиева, која ја игра 30-годишната Сандра, дополни дека не само лифтот и болницата, туку ги поврзува и конфликтот во 2001, за кој не разговараат. –Иако сите три имаат искуства и трпат штети од тој конфликт, тие молчат, рече Теодосиева.

Даниела Иваноска, која ја игра 40-годишната Елеонора, додаде дека секоја од нив е соочена со прашањето како да го преживее денот во психозата предизвикана од конфликтот.

–Но оставен е простор самите да ги осудите или да ги поздравите нивите избори, рече Иваноска.

Иако контекстот на филмот е конкретен настан – масакрот кај Вејце пред 18 години и имплицира дека загинатите се предадени од извесен моќен началник, кој во филмот е именуван Миле, но не се појавува како лик, режисерката Џиџева рече дека филмот е фикција, а Миле, рече, останува енигма. Актерката Карановиќ додаде дека Миле е „спрега на власт и криминал“ позната во сите наши општества.

Машките ликови во филмот ги играат актерите Данчо Чевревски, Златко Митрески, Димитар Ѓоргиевски и Дениз Абдула. На прес-конференцијата присуствуваше Чевревски кој рече дека сите актери во „Втора шанса“, освен Карановиќ, се негови студенти и додаде: Големо е задоволството кога ќе сфатите дека учениците го надминале професорот.

Би можело да ве интересира

Шест проекции за затворање на 22. „Скопје филм фестивал“

Ана Ололовска

Работилница за филм со шкотскиот сценарист Брајан Мекгил

Ана Ололовска

Проекција на „Модно фрик шоу” на Жан Пол Готје на СФФ

Ана Ололовска

На Скопје филм фестивал претставени новите кратки македонски филмови

Ана Ололовска

На „Скопје филм фестивал“ почна ретроспективата на Мето Јовановски

Ана Ололовска

Скопски филмски фестивал од денеска до 25 април

Ана Ололовска