Во четврток започнува седмото издание на Филозофскиот Филмски Фестивал

Од:

По големиот интерес и огромната посетеност што ги предизвика минатата година Филозофскиот Филмски Фестивал се враќа со своето седмо издание, овој пат како интернационален фестивал.

Деветдневната програма ќе се одвива од 30 март до 7 април во Кинотека на Македонија со повеќе домашни и интернационални гости. Фестивалот кој е во организација на Филозофското друштво на Македонија е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија и по втор пат од Градот Скопје. Соработници на Фестивалот се Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, НУ Кинотека на Македонија, Универзитетот за аудиовизуелни уметности Европска, Филмска, Театарска и Танцова Академија – Скопје (ЕФТА) и ЈУ Младински Културен Центар Скопје.

Оваа година, освен Ревијалната програма Фестивалот отвори нов програмски сегмент – компетитивна програма со две селекции: Селекција на долгометражни филмови (селектор проф. Кирил Трајчев) Селекција на краткометражни филмови (селектор м-р Ана Опачиќ). Од пристигнатите филмови од целиот свет беа избрани најдобрите 7 долгометражни и најдобрите 14 краткометражни филмови коишто публиката ќе има можност да ги погледне во Кинотеката на Македонија. На крајот од Фестивалот ќе се доделат награди „Златен був“ од стручното жири и од публиката за

Најдобар долгометражен филм и Најдобар краткометражен филм на ФФФ 2017. Фестивалот и оваа година понуди богата едукативна програма за учениците од средните училишта, како и работилници и предавања за младите. Како и претходните години, по завршувањето на Фестивалот ќе следи ФФФ Караванот, патувачкото кино на Филозофскиот Филмски Фестивал, коешто ќе посети четири градови низ земјата: Битола, Прилеп, Штип и Свети Николе пренесувајќи дел од атмосефрата на Фестивалот и надвор од главниот град.

Во Ревијалната програма со проекција на филм по што ќе следи излагање и отворена дискусија со публиката гости на Фестивалот ќе бидат: проф. д-р Љубомир Цуцуловски („Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс – Свечено отворање на Фестивалот), проф. д-р Јасна Котеска („Бранот“ на Денис Гансел), проф. д-р Стефан Сидовски (Ревија на кратки филмови од авторот) и доц. д-р Вангел Ноневски („Небо од ванила“ на Камерон Кроу). Интернационални гости на Фестивалот ќе бидат: Драган Проле, Иван и Моња Јовиќ, и Кристин Син. Проф. д-р Драган Проле, Раководител на Институтот за филозофија од Универзитетот во Нови Сад ќе отвори дискусија за „Прашина“ на Милчо Манчевски. Ќе биде прикажан и српскиот филм „Исцеление“ на Иван и Моња Јовиќ коишто ќе одржат мастерклас со публиката. Специјален гостин на 7. Филозофски Филмски Фестивал е Кристин Син (Christine Cyn), ко-режисерка на филмот „Акт на убивање“ којшто беше номиниран за Оскар за најдобар документарен филм во 2014 година. Режисерката доаѓа на Фестивалот со македонската премиера на нејзиното најново филмско остварување „Со вперени камери“ (Shooting Ourselves, 2016), a ќе одржи и мастерклас во рамките на Фестивалот.

Филозофскиот Филмски Фестивал е единствениот филмски фестивал во Македонија и регионот којшто се одвива на крстопатот помеѓу филозофијата и филмот, и еден од ретките во светот коишто дејствуваат во областа на филм-философијата. Од една страна, Фестивалот се обидува да ја промовира идејата за филмот како медиум што може да испровоцира филозофска размисла и/или да илустрира филозофски концепти и идеи, на овој начин обраќајќи и се на генералната публика, но и на младите во Македонија поттикнувајќи го развивањето на креативната и критичка мисла. Од друга страна, се обидува да поттикне естетички анализи и истражувања на филмскиот јазик како форма sui generis и да ги охрабри младите режисери и филмски работници во Македонија на рефлексија врз клучните филозофски прашања и концепти со цел градење, развивање и негување на своите автентични филмски светогледи.

Би можело да ве интересира

Преполно на отворањето на Филозофскиот филмски фестивал, вечерва проекција на „Кралевите на светот“ и „Туки Буки“

Ана Ололовска

Со доделување на наградите „Златен був“ ќе се затвори 11. Филозофски филмски фестивал

Ана Ололовска

Втор ден од 11. Филозофски филмски фестивал

Ана Ололовска

Почнува 11. Филозофски филмски фестивал

Ана Ололовска

Заврши онлајн програмата на Филозофскиот филмски фестивал

Ана Ололовска

Со онлајн концерт и две проекции завршува 10. Филозофски филмски фестивал

Ана Ололовска