(ВИДЕО) Ацо Шопов поет што пред 70 години ја објави слободата

Од:

Друштвото на писателите на Македонија денеска одбележа 70 години од објавувањето на првата книга на македонски јазик во слободна Македонија „Песни“ од Ацо Шопов.

За делото на Шопов говореа Соња Стојменска Елзесер, Гордана Михаилова Бошнакоска и Михаил Ренџов, а претседателот на ДПМ Веле Смилевски рече дека појавувањето на оваа книга не е само важен литературно-историски датум, туку дека е тоа чин од исклучително значење за македонската национална и културна историја.

-Првата книга на Ацо Шопов како прв книга на македонски јазик во слободна Македонија, се појави за да ја објави слободата, во времето кога на боиштата се уште се слушаше топовскиот екот. Песната, која, всушност, се раѓаше на боиштата, jа објави слободата, рече Смилевски.

Средбата ја концепираше Јасмина Шопова, ќерката на Ацо Шопов. Потсетувајќи на една од првите литературни полемики во македонската книжевност, таа го цитираше својот татко:

-Не мислам овде да станувам во ничија одбрана зашто секој сам, најарно ќе се одбрано со своите дела, мислам дека сите сме сведоци дека тој се одбрани со своето дело, рече Шопова.

Писателката Гордана Михаилова-Бошнакоска, која во 1976 имала интервју со Шопов на теми за љубовта и жената, се осврна на неговата антологиска песна „Очи“ и рече дека со неа тој го отворил патот за слободно искажување на чувствата во македонската поезија. Таа песна, која Шопов ја објавил две години по збирката „Песни“, а е посветена на партизанката Вера Јоциќ, според Михаилова-Бошнакоска е надоврзување на песната „Љубов“, последна од деветте во стихозбирката „Песни“.

Издавачката куќа „Сигмапрес“ издаде факсимил издание на првата книга на македонски јазик „Песни“ од Ацо Шопов, која беше промовирана денеска.

-Овие 30 страници поезија се вбројуваат меѓу првите страници на нашата современа национална историја и литература. Тие сведочат за едно време во кое, според зборовите на поетот, „борбата“ беше единствена можност да се најде смисла на животот, единствен начин да се сочува младоста, поточно да и’ се даде младост на младоста, напишал издавачот во поговорот на книгата.

-Ние се обидуваме да учествуваме во име на тие универзуми кои сакаме да ги негуваме и не сакаме да ги заборавиме, се обидуваме да учествуваме во комеморирањето на творештвото на Шопов и сето тоа што тоа творештво го означува. Во суштина, тоа не е ништо друго, туку уметност, а уметноста е дарување од полнотија, рече Маја Бојаџиевска, издавач на книгата.

Оригиналното издание од книгата декември 1944 година, му го должиме на „Млад Борeц“. Во јануари следната година антифашистичката младина на Србија ја донела книгата како подарок на македонската младина, на Вториот Конгрес на Народно-ослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ). На овој конгрес, Ацо Шопов учествувал во својство на потпретседател на Главниот одбор на НОМСМ.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Ексклузивна снимка: Ацо Шопов ја кажува својата песна „Очи“

Емир Латифовиќ