Познатиот белградски графички дизајнер Славимир Стојановиќ-Футро, кој се смета и за еден од најинспиративните на Балканот, е специјален гостин на 11. Скопје постер фестивал, кој вчера беше отворен под мотото „Моќта на плакатот“.
Стојановиќ е добитник на над 300 меѓународни награди за дизајн, визуелен уметник и креатор на лајфстајл брендот Футро, како и автор на сликовницата за деца „Синги Лумба и дрвото на магичните моливи“.
Покрај негови плакати изложени на фестивалот кој до 6 декември се одржува во Мала станица, вечер во 19.30 часот во книжарницата Литература.мк ќе биде поромовиран и неговиот илустриран роман „Девет“.
– Книгата со илустрирани раскази е автобиографски и емотивен роман на Славимир, составен од 47 кратки раскази од најраните почетоци на неговата кариера, со вклучени илустрации од дизајнери – пријатели на авторот, која во соседна Србија и регионот стана хит за многу краток период, соопшти Здружението на графички дизајнери „Плакарт“, организатор на Скопје постер фестивалот.
Почесниот претседател на „Плакарт“ Лазе Трипков изајви дека авторот на безвременските дизјани Славимир Стојановиќ е нивни долгогодишен пријател кој, како што вели, во овие тешки времиња за културна преообразба, се согласил да биде гостин во Скопје.
Заедно со делата на Стојановиќ Футро, во Мала станица се отворени уште четири други изложби на над 200 плакати на тема „Моќта на плакатот“, дела од унгарски млади дизајнери и наградените плакати од изминатите 10 години, како и плакати од постер-акцијата против загадувањето #СМОГЈЕ.