Со изложбата на преку 400 маски во Прилеп започнаа карневалските свечености

Од:

Повеќе од 400 маски на учениците од основните и средните училишта во Прилеп денеска се изложени на традиционалната изложба на маските во фоајето од Центарот за култура „Марко Цепенков“. Со тоа почнуваат карневалските свечености за годинашниов 22. прилепски карневал „Прочка 2024“.

-Со овие прекрасни креации на учениците, а годинава за првпат се придружија и децата од градинките, е вистинскиот начин да започнат тридневните карневалски свечености во Прилеп. Најмладите креативци во иднина ќе ја продолжат традицијата на маските и маскирањето, а со тоа и чувањето и негувањето на културното наследство. Се доделија 12 награди во повеќе категории и една Гран при награда, рече Снежана Ристеска, советник за култура во локалната самоуправа во Прилеп.

Наградата Гран при ја понесе Матеј Тодоров од ОУ „Блаже Конески“ со маската која го претставува Прилеп, неговата мака со тутунот и гордоста.

Утре продолжуваат карневалските свечености. Заштитната маска „Прилепски мечкари“ ги канат касапите на заедничкиот посен ручек в понеделник. На платото пред Градскиот саат ќе се презентираатобичаите за прочка и „Амкањето“ во организација на здружението на жени „Преродба“. В недела напладне во центарот на Прилеп се централните карневалски свечености со дефилето на маските. Дефилето, традиционално го предводи заштитната карневалска маска „Прилепски мечкари“. Пријавени се над 20 групни маски со околу 500 учесници, а се поканети и гости од сите градови во земјава. Жири комисија ќе ги одбере најдобрите и најуспешни маски на годинашниов карневал „Прочка 2024“ во Прилеп.

Би можело да ве интересира

Маската „Тутуноберачите“ освои Гран при на прилепскиот карневал „Прочка 2024“

Во Прилеп се одржува карневалот „Прочка 2024“