Малешевскиот говор од пред еден век сочуван во народните песни на Станко Костовски доби своја историско – дијалектолошка анализа од беровецот Илија Бетински Малеш кој живее и работи во Белград. Промоцијата на ова второ дело за беровскиот говор на Бетински се одржа синоќа на градскиот плоштад во Берово во присуство на научници од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје.
Илија Бетински-Малеш кој 50 години живее и работи во Белград, во архивите во Српската академија на науките и уметностите го нашол оригиналот од собраните песни на Станко Костовски кој во 1900 година бил учител во Берово и на тоа народно богатство сочувано во записите од Костовски, Бетински направил дијалектолошка анализа.
– Во првата книга „Беровски говор“ го анализирав сегашниот беровски говор, а во оваа книга го претставувам говорот на Берово пред повеќе од 100 годинаи. Песните се собирани во 1900 година од тогашниот српски учител, Македонец, Станко Костиќ, односно нашиот Станко Костовски. Тој ги собрал книгите по налог на Кралската српска академија на науките и уметностите, но книгата не е испечатена. Јас успеав да дојдам до оригиналниот текст и да направам анализа на тогашниот беровски говор, истакна Бетински.
Рецензент на книгата беше проф. д-р Веселинка Лабровска од ИМЈ „Крсте Мисирков“. Таа истакна дека дијалектите се богатство на еден јазик.
– Книгата претставува збирка на малешевски народни песни од Станко Костовски собирани пред 115 години. Бетински ги нашол песните во архивот на Српската академија на науките и уметностите и успеа да ги спаси од заборав и напиша убав опис на говорот забележан во самите песни. Дијалектите се богатство на еден јазик и треба да се чуваат, рече Лаброска.
Книгата на Бетински е најново издание на ИМЈ „Крсте Мисирков“
– Илија Бетински иако скоро 50 години е надвор од Берово , срцето му е овде во Берово. Како Институт сме горди што сме издавачи на оваа втора книга на Бетински. Претходно ја издадовме неговата прва книга „Беровски говор“, истакна директорката на ИМЈ, Елена Јованова Грујовска.
Таа најави дека во органзација на ИМЈ на 31 август со почеток во 11 часот ќе се одржи трибина за акутелните состојби во макеоднскиот јазик на која се поканети да присуствуваат научници од Институот, МАНУ и Филолошкиот факултет.