Во рамки на Мајските оперски вечери вечер од 20 часот ќе биде промовирана книгата „До ре ми фа Соле“ од Аки Нуредини кој потекнува од Камењане, а живее во Виена и е сопственик на познатиот италијански ресторан „Соле“ во близина на Виенската опера.
– Ќе се обидеме да ви ја приближиме животната приказна на еден од најстрасните љубители на операта, гостопримливиот сопственик на уникатното „Соле“, оперската сторија полна анегдоти поврзани со местото кое е инспирација и извор на многу нови идеи, претстави и пријателства. Овој интересен животопис на Нуредини и е веќе достапен на меѓународната јавност преку неговата книга. За нашиот сонародник зборуваат самите дела. Тој е вистински амбасадор, голем хуманитарец, вистински пријател и почесен граѓанин на мултикултурна Виена и Австрија, наведува Македонската опера и балет.
Книгата е создавана триесет години и е документирано сведштво за влијанието и значењето на неговото гастрономско катче во кое се вкрстуваат политиката, културата и уметноста.
Во присуство на авторот, книгата во фоајето на МОБ во 20 часот ќе ја промовира познатиот италијански балетски кореограф и режисер Ренато Занела, кој бил и уметнички директор на Виенската државна опера, како и уметнички директор на Грчкиот национален балет во Атина.