Претставата “Викенд на мртовци” со хуманитарен карактер

Од:

Театарот „Чин 4 сцена 5“, утревечер, во големата сала на Центарот за култура “Марко Цепенков” во Прилеп премиерно ќе ја прикаже комедијата „Викенд на мртовци“ по текст на Миле Попоски во режија на Саша Нацевски.

Парите од влезниците за претставата се во хуманитарни цели.

Според режисерот Нацевски, самата претставата говори како едно семејство се справува со смртта на свој член и низ комичен и алегоричен начин е претставена сета ситуација.

– Се обидовме да се дистанцираме од филмот „Викенд на мртовци“ и мислам дека успеавме да создадовме своја претстава која публиката ќе ја гледа засебно од филмот. Покрај актуелните членови на театарската трупа, во претставата учествуваат и поранешните членови кои некои можеби не стапнале на сцената и десет години. Но, провејува љубовта кон театарот и оваа уметност, рече Нацевски.

Претставата има хуманитарен карактер со поддршка на прилепската локална самоуправа.

– Многу е битно што претставата ја направивме хуманитарна. Сите средства од влезниците се во три хуманитарни цели: инсталирање лифт за хендикепираните лица за пристап до големата сала од Центарот за култура „Марко Цепенков“, за нова дограма во Дневниот центар за лицата со посебни потреби „Ѕуница“ и за набавка на четири компјутери за потребите на посебните паралелки во прилепското основно училиште „Климент Охридски“. Проектот го реализираме со поддршка на прилепската локална самоуправа. Претставата ќе се прикажува наредните девет дена, изјави Нацевски.

Во претставата се вклучени помладите и повозрасните генерации кои направиле пауза од театарската трупа.

Според Леона Митревска, „Викенд на мртовци“ е драмски текст кој одново и одново треба да биде поставуван на сцената.

– Задоволна сум како ја подготвивме претставата. Јас сум актуелен член од помладите. Ние како помлади верувам дека внесовме нова енергија и создадовме уште едно убаво театарско дело, вели Митревска.

Христијан Коруноски, истакна дека е убаво чувството да се биде ветеран на 28 години во трупата.

-Имав пауза од седум-осум години, но не се двоумев посебно дека претставата е од хуманитарен карактер, вели Христијан Коруноски.

Театарската трупа „Чин 4 сцена 5“ работи 12 години во рамките на прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“.

Би можело да ве интересира

Вечерва „Викенд на мртовци“ и „Кајмак“ на „Кино на отворено“ во Кисела Вода