На првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката вечер стартува 46. издание на фестивалот „Скопско лето“. Во Музејот на Град Скопје во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“ на уметникот Томе Аџиевски (19:00), а во Салата на Македонската Филхармонија во 20.30 часот ќе се одржи концерт „Мостови на музиката: Софија – Скопје“.
Дирекцијата за култура и уметност во најавата за изоложбата на Аџиев наведува дека трагајќи по топосите на источноевропската авангарда, авторот се потсетува на филмот Сталкер од режисерот Андреј Тарковски. Во „забранетата зона“ од филмот, стои во најавата, тој препознава многу сличност со „менталната зона“ денес во Македонија. Уметникот ќе раскаже пет визуелни приказни за первентираната перцепција кон вистината што перманентно ни се случува од бившата држава па сè до денес.
Публиката ќе биде вовлечена во „Зона фобија“ рушевина од старата железничка станица сместена меѓу модерни облакодери. Утопија среде антиутопија, вистинска метафора за нашиот постземјотресен менталитет.
На изложбата симболично ќе бидат раздавани каталози од разни изложби на авторот по симболична цена, а собраните средства ќе бидат донирани на Здружението за заштита на животните „Anima Mundi“.
На концертот „Мостови на музиката: Софија – Скопје“ ќе настапат Академскиот оркестар „Панчо Владигеров“ од Националната музичка академија – Софија, како и млади диригенти и музички уметници од Македонија и Бугарија. Ќе бидат изведени дела од А. Вивалди, В.А. Моцарт, Ф. Лист, П.И. Чајковски.
Диригенти се Ана Спасовска и Николаи Хилендаров, а солисти: Јана Каевска – флејта, Марија Магдалена Желјазгова – флејта, Санја Јович Джорджевич – виолина, Тодор Иванов – виолончело, Искра Атанасова – Митуш – пијано и Николај Маринов – пијано.
– Една сцена, два града, еден заеднички јазик – музиката. Концерт што го слави музичкото пријателство и креативната соработка меѓу млади уметници од регионот. Очекувајте вечер исполнета со енергија, инспирација и уметност без граници! Влезот е слободен, информира Дирекцијата за култура и уметност.