Патувачки фестивал на македонскиот филм во Загреб

Од:

Во рамките на второто издание на единствениот патувачки Фестивал на македонскиот филм во Хрватска, во организација на македонскиот КИЦ во Загреб и македонската Кинотека, вчера во Сплит се одржа третиот фестивалски ден.

Претпладнето во просториите на Македонското културно друштво „Македонија“ – Сплит се одржа трибина „Дијалог на кадри – улогата на Кинотеката на Македонија во заштитата на филмското наследство и меѓународната промоција на македонската кинематографија”, во рамките на манифестацијата XXI Денови на македонскиот филм.

Претседателката на Друштвото, Марта Жаја, и директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, ја истакна важноста на оваа успешна соработка за продлабочување на хрватско-македонските културни врски.

За улогата на Кинотеката како единствена институција за прибирање, заштита, чување и презентација на филмското наследство говореше директорот на Кинотеката на Македонија, Бошко Грујоски, а Дамјана Патчева и Тихомир Кашмицовски преку своите излагања ги истакнаа предизвиците што ги носат дигитализацијата и значењето на заштитата и реставрацијата на филмското наследство.

Попладнето, во киносалата на Центарот за култура „Златна врата“, во чест на одбележувањето 35 години независност на Македонија се одржа ексклузивна проекција „Македонски оскаровци“, при што беа прикажани филмовите „Дае“ („Мајка“) на еден од доајените на македонската кинематографија, режисерот Столе Попов, и „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.

Со оваа проекција заврши третиот фестивалски ден во Сплит и се заокружи првата фестивалска дестинација.

Фестивалското издание во Сплит се одржува во соработка со Македонското културно друштво „Македонија“ – Сплит и Центарот за култура „Златна врата“.

Во текот на септември и октомври, во знак на одбележување 35 години независност, Фестивалот на македонскиот филм продолжува во уште 10 града во Хрватска во партнерство со Мрежата на независните киноприкажувачи во Хрватска, а во организација на македонскиот КИЦ во Загреб и Кинотеката на Македонија.

Единствениот патувачки Фестивал на македонските филм во Хрватска е дел од сопствената годишна програма на македонскиот КИЦ во Загреб, поддржан од Министерството за култура и туризам.

Би можело да ве интересира

Во македонскиот КИЦ во Загреб заврши фестивалот на современа македонска книжевност