На 19-ти септември, во 19 часот во Парк киното МКЦ се отвора 13-тото издание на ЕХО фестивалот за планински филм.
Отворањето на фестивалот ќе биде посветено на доајенот на Македонскиот документарен филм со доделување на постхумно признание за животно дело од страна на фестивалот, режисерот Кочо Недков и проекција на негов краток филм, а негови дела ќе се проектираат и во следните денови.
Вечерта после официјалниот дел продолжува со две исклучителни приказни:
19:30 „Последната планина“, Крис Терил, Велика Британија, 2021, 100’
21:30 „Оганот на љубовта“, Сара Доса, САД, 2022, 93’
За годинешново издание составена е програма од 50 филмови, на три кино локации, ќе има 10 предавања на разни теми од кои едната е од наградуваниот режисер Дарек Залуски (Полска), со предавање (мастер клас) на темата „Алпинизам и документаристика“, 3 работилници за најмладите, и една наменета за студенти во полето на филмот модерирана од Илија Тирицовски (ОХО Продукција) со наслов „Споделување приказни за креирањето на Планински Филмови”.
Програмата може да се разгледа на следниот линк.
Како и досега, влезот на сите настани на ЕХО 2022 е слободен.