Недела на француската кујна и филм, концерти и предавања на француски изведувачи, како и франкофонски средби и регионален форум за Францускиот јазик, се само дел од активностите за одбележување на 20 Март – Меѓународниот ден на Франкофонијата, што денеска ги најви Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје.
Амбасадор на Франција Кристијан Тимоние рече, дека Францускиот јазик е нешто што ги соединува и приближува луѓето на сите континенти, а Меѓународната организација на Франкофонијата е едно големо семејство на разновидност на пракси и повод за нови размени.
– Сакаме да ја одбележиме Франкофонијата во Македонија во сите свои богати димензии, посебно преку двојазичните паралелки во средните училишта, професионалната пракса во компаниите преку универзитетската агенција за франкофонија и на полето на културата, чии корени особено на Балканот се многу длабоки, изјави Тимоние.
Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на Франкофонијата во петок ќе се одржи регионален форум „Францускиот јазик, младите и можностите за работа“ и ќе бидат доделени наградите од фото натпреварот „Зборувам Француски“. Концерти ќе одржат францускиот поп изведувач Шарл Батист и пијанистот Ришар Клајдерман, а во МАНУ предавање ќе одржи математичарот Седрик Вилани.
Наташа Хронеска од македонското МНР, рече дека франкофонијата е простор за тесна соработка и дека Македонија го поддржува користењето на Францускиот јазик од страна на нашите дипломати во меѓународните организации и форуми.
Македонија членува во Меѓународната организација на Франкофонијата од 2006 година и денес во Македонија има повеќе од 50.000 активни говорители на францускиот јазик во најразлични општествени сектори.
Меѓународната организација на Франкофонијата е основана во 1970 година со цел да го промовира францускиот јазик, културната и јазичната различност, промоција на мирот, демократијата и човековите права, поддршка на образованието, како и развивање на соработката во служба на оддржливиот развој и на солидарноста. Францускиот јазик е зборуван од 274 милиони луѓе на сите континенти и е на 6. место на листата на најкорисни јазици.
На претставувањето во Францускиот институт во Скопје денеска присуствуваа и претставници на повеќе земји членки на Меѓународната организација на Франкофонијата, меѓу кои од амбасадите на Албанија, Австрија, Бугарија, Грција и Швајцарија.