Ново издание „Басни од Македонија“ на здружението „Браво сине“

Од:

Нова едиција басни од усното творештво на Македонија во модерно издание денеска промовираа Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ „Браво сине“ и издавачката куќа „Арс ламина“.

Едицијата „Басни од Македонија“ е составена од басните „Кучето и зајакот“, „Лакомата мечка“, „Војската на лавот“ и „Жабата и глушецот“. Креативните илустрации за басните се дело на Катерина Николовска.

Ангелка Пеева Лауренчиќ, од движењето „Браво сине“, рече дека новиот проект со басни е продолжение на проектот со бајки од македонското народно творештво.

– Новите басни од Македонија, веќе од утре ќе можат да бидат во рацете на најмладите читатели. Едицијата „Бајки од Македонија“ е одлично прифатен и покажа дека читателската публика, а особено најмладите сакаат квалитетно четиво. Денеска веќе таа наликува на сериозен бренд од Македонија, рече Луаренчиќ.

Лауренчиќ, по повод денешната годишнина од основањето на „Браво сине“, рече дека идејата на движењето од самиот почеток е да го открие креативниот капацитет на младите луѓе и од заборавените национални вредности да направи видливи, автентични брендови, кои ќе можат да живеат и понатаму.

Билјана Црвенковска, од „Арс Ламина“, рече дека „Басни од Македонија“ се изворно земени од делата на Марко Цепенков и адаптирани како модерен и поприфатлив јазик за денешните деца.

– Бајките се бајковити и имаат еден ѕвездест изглед и една поинаква бајковидна нота, додека басните се како што денеска децата ги замислуваат животните, многу шарени, слатки и привлечни за помала возраст, изјави Црвенковска.

Едицијата „Бајки од Македонија“ е достапна на македонски, англиски и албански јазик, а има и издание во Браево писмо.

Би можело да ве интересира

Басни од Ристо Давчевски во издание на „Македонска реч“

Емир Латифовиќ