Еш на Алзет и Каунас, два втори по големина градови во Луксембург и Литванија, и Нови Сад во Србија, ќе бидат европски престолнини на културата во 2022 година. Титулата се доделува по едногодишна пауза бидејќи пандемијата го измени календарот на нејзините носители.
Нови Сад е меѓу првите градови надвор од Европската Унија што ќе ја носи титулата чија цел е да го поттикнува богатството на различностите и интеркултурализамот, што е и основата на обединета Европа.
Целогодишната програма Novi Sad 2022 на 13 јануари ќе почне со „Дочек“, според организацискиот тим – уникатна уметничка прослава во Европа, која првпат ќе биде видена на овие простори. „Дочек“ ќе собере повеќе од 400 уметници од Србија и цела Европа, промовирајќи го низ уметност наследството на големите научници – Никола Тесла, Милева Мариќ Ајнштајн, Милутин Миланковиќ.
Програмскиот наратив на проектот „Нови Сад – Европска престолнина на културата“ произлегува од слоганот „За нови мостови“ и ја претставува идејата за изградба на нови мостови на соработка и размена меѓу уметниците и организациите од Нови Сад и Србија со културната сцена на Европа.
„Дочек“ ќе одбележи две нови години, два календара, така што 352 дена по отворањето на 13 јануари, односно на 31 декември 2022, Нови Сад симболично ќе ја затвори титулата. На тој начин ќе го истакне мултикултурализмот карактеристичен за градот во кој различните етнички заедници ги слават своите празници.
Каунас е втор литвански град што ќе ја носи титулата европска престолнина на културата која во 2009-та ја имаше и главниот град на државата, Вилнус, заедно со Линц во Австрија и норвешкиот Ставангер.
Свеченото отворање на Kaunas 2022 е закажано за 22 јануари 2022. Околу 40 фестивали, повеќе од 60 изложби и 250 сценски настани и концерти ќе опфати програмата замислена како една голема европска сцена. Мисијата на „Каунас 2022“ е да биде посредник и вмрежувач во патување на промени преку сојуз на културни организации и творци во регионот на Каунас, Литванија и на Европа.
Програмата е визуализација на патувањето низ три целини (Confusion, Confluence и Contract).
-Она што го прави „Каунас 2022“ уникатен е создавање нов мит за градот кој ќе му помогне да го промени својот пат. Митскиот ѕвер од Каунас – проект дизајниран да создаде обединувачки наратив за градот – ќе се расплетува во големата митска трилогија следната година, велат од организацискиот тим.
Трите главни настани се креирани во соработка со уметници од Литванија, но и светски имиња, како Марина Абрамовиќ, Филип Милер, Вилијам Кентриџ, Јоко Оно, Џени Каган, Роберт Вилсон…
Европска престолнина на културата во 2022 ќе биде и Еш на реката Алзет, вториот по големина град во Луксембург. Церемонијата на отворање ќе биде на 26 февруари 2022 и е насловена REMIX.
Под слоганот REMIX Culture и неговите четири потсекции – REMIX Art, REMIX Europe, REMIX Nature и REMIX Yourself, идејата е промена на перспективите преку иновации со кои ќе се изгради одржлива иднина, како и создавање нова перцепција за регионот како атрактивна културна дестинација за патување, зајакнување на регионалниот идентитет и зголемување на меѓународната популарност.
-Целта на Esch2022 е да претстави енергичен иновациски центар, регион кој некогаш беше воден од уникатна индустриска традиција и сега се претвора во центар на знаење и иновативни и креативни технологии ориентиран кон иднината. Регионот сега се приспособува на светскиот постковид, додека останува верен на својот уникатен идентитет, кој се состои од длабоко вкоренета културна разновидност, наведуваат организаторите на целогодишната програма.
Годината 2021 немаше европски престолнини на културата. Европската комисија на крајот на 2020 донесе одлука да бидат одложени програмите на избраните градови поради глобалната криза од коронавирусот.
Бидејќи беа најпогодени од пандемиската криза, на престолнините од 2020-тата (хрватскиот град Риека и ирскиот Голвеј) им беа дадени уште четири месеци (до крајот на април 2021) да ја носат титулата за да ги прикажат подготвените програми. Според ЕК, тие поради КОВИД-19 не беа во можност да ги исполнат и сите настани од март 2020 мораа да ги одложат или откажат, во неизвесност кога би можеле да ги продолжат своите програми и под кои услови.
На листата на ЕК за престолнини на европската култура во 2023 година се Темишвар во Романија, Веспрем во Унгарија и Елефсина во Грција.
Проектот „Европска престолнинина на културата“ почна во 1985 година на иницијатива на Мелина Меркури, тогашната министерка за култура на Грција. Градовите се избираат врз основа на културна програма која мора да има силна европска димензија, да го промовира учеството и активното вклучување на жителите на градот, заедниците и различните засегнати страни за да придонесе за долгорочен развој на градот и околниот регион.
Целта на иницијативата е да ги заштити и промовира разновидноста на културите во Европа, да го прошири пристапот и учеството во културата, да ги зајакне капацитетите на културниот сектор и да го подигне меѓународниот профил на градовите преку културата. Титулата е и можност за градовите да го сменат својот имиџ, да се стават на светската мапа и преку културата да промовираат одржлив туризам.